(ВИДЕО) Заев за Прочка: Да си пружиме рака и дома, да заборавиме на поделбите на наши и ваши

0
241

Денешниот ден, Прочка, не учи дека главните изрази на суетата и на зависноста од неа, се делбите и омразата. Денешниот празник на простувањето и помирувањето е шанса да направиме чекор за пробивање на оваа тврдина испречена пред нашата заедничка иднина, се вели во обраќањето на премиерот Зоран Заев до граѓаните по повод празникот Прочка.

„Дeнес се поттикнуваме да одиме по патот на единството и меѓусебното разбирање, во интерес на сите граѓани на нашата земја.

Пруживме рака за помирување со сите наши соседи. Да си пружиме рака и дома како вредност која е одлика на големи народи и нации. Да направиме уште еден подвиг од сите нас, за сите нас.

Да завршиме, да ги оставиме во минато време политиките на поделби и предизвикување конфликти кои луѓето ги поделија на „наши“ и „ваши“. Да се трудиме сите ние да разговараме со нам различните, со другите, да ги слушаме соговорниците и да се обидеме да ги разбереме нивните ставови, дури и кога не се согласуваме со нив.

Само помирено општество кое го обединува множеството на различности, ќе донесе стабилна и просперитетна држава за сите наши граѓани.

Во таква Северна Македонија, во општество еднакво за сите, веруваат мнозинството од граѓаните. Ако ја прифатиме одговорноста за нашата иднина, за иднината на нашата заедничка држава, заслугите ќе им припаднат на сите!

Да се учиме и навикнуваме на овие доблести, да вдишуваме од овој дух на простување и помирување со кој е исполнет денешниот ден. Да си посакаме многу мудрост и трпеливост во нашиот стремеж за достоинствен дом за сите наши граѓани.

Сите ние да побараме прошка едни од други, да простиме и да гледаме напред“, рече Заев.