(ВИДЕО) Заев во Битола: Да ја довршиме борбата, победуваме! Режимот паѓа!

0
422

Дел од обраќање,
Зоран Заев, претседател на СДСМ и носител на кандидатската листа на СДСМ и коалицијата во ИЕ 4
Митинг, Битола 03.12.2016
Почитувани,

Се радувам и горд сум што гледам една ваква Битола. И кога ве гледам овде на овај плоштад во оваа масовност морам да признаам и да кажам: Вредеше, вредеше целата оваа борба, сиве овие месеци овие години поминати, вредеше! И да бидете горди, вредеше оти се боревте за нашиот народ, за нашата Македонија, за нашите деца и внуци, се боревте за животот кој што ни го украдоа, се боревте за иднината, се боревте за Македонија!

Една мајка овде ми кажа: „Синот ми е во Англија години и години. Врати ми го детето дома! Само тоа го сакам!“
Тука е таа мајка и бара да се радува на синот, да чека внуци, да живее живот. Нема живот на колена, нема живот без деца, нема живот ваков каков што живееме. Да имаме втор па овој да го експериментираме, еден пусти живот имаме.

Ве повикувам да ја довршиме борбата! Победуваме! Режим паѓа! Живот враќаме! Ајде да и ветиме на оваа мајка дека ќе го вратиме и нејзиното дете и дека ќе ги вратиме сите деца кои што ја напуштија нашата Македонија! Тие се моторната сила, двигателот за нашата економија.

Заедно да насочиме се што постои во оваа наша земја, за младите, за работни места, за нови фабрики, за поддршка на домашните компании да отворат работни места и да даваат достоинствени плати, за да можат битолчани да уживаат на Широк сокак и на Тумбе кафе, како што беше во Битола, како што ја знаете вие, а ја научив и јас. Да го вратиме животот кој што битолчани го живееа, а заборавија да го живеат. Знаат сите во Македонија дека ова мора да заврши. Ако сакаме Македонија повторно да ја ставиме на шините и да продолжи да тера да напредува на патот кон Европската Унија и НАТО.

Затоа почитувани граѓани ќе потрошиме стотици и стотици милиони евра за работни места, за повисок стандард на граѓаните. Уште во првите 4 месеци минималната плата од сегашните 9.500 денари ќе ја качиме на 12.000 денари, до крајот на мандатот 16.000 денари. Тие што земале 19.000 денари, ќе земаат 25.000 денари, тие што земале 14.000, ќе земаат 22.000 денари. Заради покачувањето на минималната плата ќе ги отвориме спиралите на покачување на платите. Конечна цел ни е, вработен човек да има просечна плата од 500 евра, од 30.000 денари. За двајца вработени во семејството се 1.000 евра, а со 1.000 евра се плаќаат сметки, се плаќаат давачки, се оди на годишен одмор, може достоинствен живот да се живее.

Денеска по цели денови и ноќи работиме. Зошто? За нова брчка на челото, за нова лузна во срцето, за нова болка во градите, за нова рана на рацете?

Ваквиот живот мора да заврши!

Не може нашиот граѓанин каде и да оди во светот да е најдобар работник, а во Македонија да живее под прагот на сиромаштијата околу 500.000 наши граѓани, а и ние сме на тлото на континентот европски. Ова мора да престане!

Затоа почитувани граѓани рекле старите за секоја важна одлука се брои до три. На денот на изборите на 11 декември, избројте до 3, и гласајте за 4. Гласајте за живот, гласајте за Македонија, гласајте за слобода, гласајте за правда, гласајте за иднина.

Ве повикувам да гласаме за живот во Македонија.

Да живее Битола, да живее Македонија и целиот нејзин народ!