(ВИДЕО) Димитривски: Ве уверувам, ќе го вратиме достоинството на војниците и на АРМ!

0
91

Максим Димитриевски, претседател на Комисијата за одбрана на СДСМ на прес конференција најави дека ќе биде вратено достоинството што го заслужува Армијата на Република Македонија!

-На војниците ќе им обезбедиме најсовремени професионални услови за работа.

Ќе го решиме нивниот егзистенцијален и станбен статус, за да можат мирно и фокусирано да се посветат на една од најодговорните, но и најблагородните задачи – одбраната на граѓаните и на државата.

Ќе ја обновиме опремата на АРМ како што и доликува на една армија на земја кандидатка за членство на НАТО, како што е Македонија.

Никогаш повеќе војниците и АРМ нема да бидат на ова понижувачко ниво на кое што ги поставија несериозните политики на Никола Груевски и неговите кадри, рече Димитриевски.

Видовме до што донесе постојаното кратење на буџетот за одбраната за време на катастрофални поплави во Скопје. Испливаа на површина сите проблеми на Армијата.

На терен беше упатена жива сила без минимум основна опрема, без гумени чизми, кабаници, резервни униформи, без основен рачен алат.

Зошто? Нека објасни министерот за одбрана Јолевски во каква состојба е опремата на инженерската единица којашто требаше да биде на теренот за време на поплавите. Според информациите што ги имам од контактите со војската, тоа било невозможно бидејки машинеријата е во катастрофална состојба, до толку што не може да се изнесе на терен, а не со неа да се работи. Ете поради оваа вистина што не може да ја изговори министерот Јолевски, тој бараше да се изгаснат камерите за време на неговото интервју.

По 11 декември доаѓа ново време кога потребите на граѓаните ќе бидат на врвот на приоритетите. АРМ ќе стои гордо во редот на армиите во светот. На тоа Социјалдемократскиот сојуз се обврзува во Програмата, рече Димитриевски.