(Видео)Заев: Груевски се инсталирал во секоја пора на општеството

0
250

Во целост го пренесуваме говорот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, од денешната прес конференција на која беа предадени транскрипти од прислушувани разговори на членови на невладини организации.

zaev 8 jun

„Според податоците што до овој момент ги имаме, во Македонија со години таргет на тајните служби на Никола Груевски и Сашо Мијалков се најмалку 10 активни граѓански организации.

Службите на Управата за безбедност и контраразузнавање, под палките на Груевски и Мијалков во Република Македонија ги следеле и прислушувале:

НВО Инфоцентарот
– Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија
– Невладината организација Транспарентност Македонија
– Фондација отворено општество Македонија (СОРОС)
– Невладината организација ЦИВИЛ – Центар за слобода
– Истражувачкиот центар за граѓанско општетство
– Платформата за граѓанска политика – АЈДЕ!
– ФОРУМ – Центарот за стратегиски истражувања и документација
– Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО)
– Граѓанската организација Плоштад Слобода
– Фондација Метаморфозис

Ова се само дел од организациите од невладиниот сектор за коишто се комплетирани материјали, но нивниот број, но нивниот број е поголем ако се има предвид дека дел од нив се слушаат индиректно и како ќе бидат составени нови папки, така претставниците на граѓанскиот сектор ќе бидат известени да дојдат да си ги ги подигнат во седиштето на Социјалдемократскиот сојуз.

Соопштените организации се следени со прислушување на првите луѓе на организациите или нивни активни членови. Тоа значи дека има случаи каде што во една организација се следени повеќемина граѓански активисти.
Прислушуваните аудио материјали денеска ќе им бидат врачени лично на претставници на организациите кои се присутни овде.

Јасно е зошто нема да бидат јавно објавувани аудио снимките. Граѓанскиот, цивилниот сектор е еден од носечките столбови на демократската јавност, или барем така би требало да биде во нормална земја и должност е на сите да го почитуваме тоа.

Доволно е само да се слушнат називите на организациите чии први луѓе се следени, за да стане јасно дека станува збор за едни од најактивните организации – критички опсерватори на општествените процеси, коишто преку своите активности, посветено се борат за унапредување на различни видови човекови права загарантирани со Уставот и законите на Република Македонија.

Почитувани граѓани,

Никола Груевски, со тесната група соработници, ги поткопал до темел основните начелата на коишто е поставен уставниот поредок на Република Македонија.

Преку следењето и прислушувањето на еден од најчувствителните сектори, граѓанскиот сектор – браник на правата и интересите на граѓаните, на слободната и критичката мисла, Груевски ги загрозил основите граѓански и човекови права.

Проектот Вистината за Македонија покажа дека нема област, нема сектор, нема простор, каде што не влегол Груевски со неговата група соработници.

Аудио снимките што досега ги презентиравме покажаа дека се прислушувани и послушници и извршители на Груевски и фамилијата, но главно, таргет на власта на Никола Груевски е критичката јавност во Македонија.

Објавивме како и колку посветено службите на Управата за безбедност и контраразузнавање прислушувале, анализирале, воделе цели досиеја за новинари.

Сите тие противуставно и противзаконски се следени со години!

[youtube height=”500″ width=”600″]https://www.youtube.com/watch?v=-0Aep-qlEvM[/youtube]

На овој начин Груевски и неговите помошници го држеле под контрола општеството и ја обезбедувале моќта и власта.
Никакви реформи не го одржале Груевски на власт.

Груевски си ја обезбедувал власта со незапаметениот во светски рамки, огромен скандал, со прислушувањето. Така успешно го чистел теренот од неистомислениците, така елиминирал се што му стоело на патот, така поткупувал, така се инсталирал во секоја пора на општеството. Така и ги кроел своите политики. Така ги фалсификувал и изборите и волјата на граѓаните.

Во пресрет на моето заминување во Брисел, свесен сум за интересот и очекувањата на поддржувачите на опозицијата, на целокупната јавност во Македонија, но и на нашите пријатели од меѓународната заедница кои се обидуваат да ни помогнат во процесот, сакам да укажам:

Вака ли, во заложништво, треба да продолжат да живеат граѓаните на Република Македонија? Под ваков режим?

Не, граѓаните на Македонија не го заслужуваат овој начин на живот. Режимот мора да замине. Македонија повторно ќе биде демократска земја. Граѓаните во Република Македонија слободно ќе живеат, слободно ќе мислат, слободно ќе избираат, слободно ќе дишат.

Прв чекор кон тоа ќе биде заминувањето на Никола Груевски од оваа зграда позади нас, од Владата на Република Македонија. Ова зло никогаш повеќе да не се повтори..