Брза помош пред судењето за Диво Насеље, обвинет се жали од полициска тортура

0
294

Главната расправа за случајот „Диво Насеље“ почна со доцнење затоа што еден од обвинетите, бараше лекарска помош. Во судот подоцна стигна екипа на Брза Помош, а адвокатот Насер Рауфи изјави дека неговиот клиент Севдаил Мифтари е во тешка здравствена состојба поради полициското насилство, пишува Фокус.

Адвокатот беше категоричен дека министерот за внатрешни работи , Митко Чавков има директно влијание врз овој судски процес, без да наведе други детали.

Чавков пак, од медиумите побара и да не шпекулираат околу Кумановскиот случај. Додека тој говореше пред камерите, неговиот заменик, не одговори на новинарските прашања за малтретирањето на уапсените во овој случај.

Пред неколку дена пак, дневникот „Лајм” напиша дека припадник на полицијата во својство на заштитен сведок дал изјава пред судот дека Мирсад Ндрецај бил жив при апсењето. Чавков изјави дека полицаецот бил збунет кога го давал исказот.

Инаку, во кумановските престрелки загинаа 8-мина полицајци и 10 припадници на оружената група. Судскиот процес трае повеќе од половина година, но засега нема детали кои ќе обелоденат што или кој навистина стои зад инцидентот во Куманово.