БОМБА НА СЈО ВО СУДНИЦА: Поради беспарица, МВР донело одлука да се купува половно блиндирано возило од 200.000 евра, но Груевски им наредил да купат ново од 600.000 евра!

0
483

Осудителна пресуда за екс премиерот Никола Груевски и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски, побараа обвинителите Стевче Донев и Гаврил Бубевски, во денешниот завршен збор за случајот Тенк, односно за набавката на мерцедесот од 580.000 евра. МВР сакало да купи половно блиндирано возило од 243.000 евра, но Никола Груевски ги премислил  за нов мерцедес од речиси 600 илјади евра.

Така во 2011 година МВР донело одлука за купување на блиндирано возило најмногу до 243.000 евра, поради осиромашениот буџет на министерството, но под влијание на тогашниот премиер Никола Груевски, со барања за луксуз, Гордана Јанкулоска како министер потпишала одлука за набавка на ново возило од речиси 600 илјади евра.

Донев потсети на бомбите како Груевски и кажува на Јанкулоска дека пред себе ги има проспектите за тоа на „М“, оти другите проспекти не знае кај се и не му требаат и кај што и вели да ја тера работата за тоа на „М“. Јанкулоска му кажува дека јавното наддавање ќе биде електронско, но дека внимаваат и ја таманат работата да не влета некој друг освен „Макаутостар“.

„Зошто предвидениот износ за набавка на блиндирано возило одеднаш е двојно зголемен, зошто не се пречкртало само тоа ’половно‘ и не се ставило ’ново‘ во одлуката на Јанкулоска?“, праша Донев.

Потоа ги наведе сите докази како била наместена јавната набавка која ја спровел третообвинетиот, поранешниот шеф на јавните набавки во МВР. Односно, како со тие критериуми била исклучена конкуренцијата. За техничките спецификации што биле наведени во тендерската документација, понуда дал само „Макаутостар“, бидејќи биле направени за блиндиран мерцедес С-600 гард, никако за БМВ, Ауди и останатите типови возила кои можеби би биле поевтини.

Затоа и на јавниот повик се јавил само фаворизираниот „Макаутостар“, како единствен добавувач кој ги исполнувал наведените спецификации и карактеристики, особено и како единствен овластен сервисер за ултра луксузниот мерцедес, како што се барало во набавката.

СЈО ја прочита и бомбата каде Груевски ѝ вели на Јанкулоска дека до локалните избори ќе се вози со старото возило, особено кај што ќе го чекаат новинари и граѓани, а по локалните, ќе речеме, како што вели, дека сме го презеле од МВР. Следуваат завршните зборови на тројцата адвокати на Груевски и на адвокатот на Поповски.

Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка. Обвинителот Гаврил Бубевски побара осудителна пресуда за Груевски, за кој рече дека свесно го извршил делото, со директна умисла додека бил претседател на Владата, за остварување на лични желби, со буџетски средства. Побара осудителна пресуда и за Поповски, за кршење на Законот за јавни набавки, т.е. за злоупотреба на службената положба и овластувањата.