ЕКСКЛУЗИВНО : Документот од сведочењето на Богоевски, според кој поранешниот премиер Владо Бучковски е директно посочен дека примал мито!

0
443

Њујоршкиот суд што го води случајот против директорите на „Маѓар телеком“ го отвори за јавноста сведочењето на Слободан Богоевски, поранешниот шеф на македонската тајна полиција, како и други документи од кои може да се прочита името на бившиот висок македонски функционер кој е посочен за примање мито, кој се’ бил вмешан, како се одвивала шемата на корумпирањето и многу други пикантерии околу сведочењето, кое се одвивало во Амбасадата на САД во Скопје, и лично и преку видеоконференција, пренесе Утрински весник.

buchkovski

Либертас дојде до документот од сведочењето според кој, поранешниот премиер Владо Бучковски е директно посочен дека примал мито.

Повод за објавувањето на документот е отфрлањето на барањето на тројцата обвинети директори на „Маѓар Телеком“, Андраш Балог, Елек Штрауб и Тамаш Морваи, да не биде прифатено сведочењето на Богоевски бидејќи немале доволно можност да го испрашаат на вкрстеното сослушување организирано исто така во Амбасадата на САД во Скопје преку видеоконференција.

Според она што стои во официјалниот документ на тужителот – Американската комисија за хартии од вредност (СЕЦ), Богоевски потврдил дека бил вклучен како посредник во корумпирањето и притоа ги обезбедил клучните документи и мејлови, поради што СЕЦ „ја сфаќа вознемиреноста“ кај обвинетите од неговото сведочење. Како што се гледа од документот, Богоевски барал и добил привремен статус на заштитен сведок, бидејќи не сакал да се знае неговото учество во ова својство во процесот во Македонија. На СЕЦ им паднал во очи откако во интервју за неделникот „Фокус“ се пожалил дека може да биде уапсен со цел да биде замолчен околу случајот со „Маѓар телеком“, по што нивниот главен адвокат итно, ден по католичкиот Божик во 2014 година, долетал во Македонија да му земе изјава, имајќи предвид дека тој веќе имал покана за затвор за 29 декември.

Во сведоштвото дадено под заклетва и под целосна кривична одговорност, Богоевски сведочел дека тој ги договорил првите контакти околу „зделката“, а иницијатор бил неговиот пријател, грчкиот магнат Димитрис Кондоминас, при што во текот на 2005 и 2006 година било договорено мито за високи македонски функционери за да ја заштитат привилегираната позиција на „Маѓар телеком“. Главната цел била, според сведочењето, да се спречат ефектите од новиот Закон за електронски комуникации со кој требаше да се либерализира пазарот и да се олесни влезот на Македонија во ЕУ.

Натаму, според сведочењето на Богоевски, се’ се одвивало како на филм: првиот состанок на двете страни се одржал во декември 2004 година, веќе во јануари 2005 година, како што стои, „Грците“ им нуделе мито на македонските функционери, а работата кулминирала во мај истата година кога меѓу тогашниот премиер Владо Бучковски и Елек Штрауб биле потпишани два тајни документи – Протокол за соработка со кој биле регулирани отстапките од страна на владата и „Нон пејпер“ во кој стоела временска рамка за исплатите на мито на Бучковски и неговите албанските коалициски партнери (ДУИ во тоа време), без притоа да се спомене нечие име од таа страна.

За да се оствари плаќањето од страна на „Маѓар телеком“, според сведочењето, се направила шема на договори за консултантски услуги со компании сместени на Кипар што ги поседувал Кондоминас, кој ги подигал парите во кеш и ги давал на посредникот Беким Земоски. Тој го носел кешот на рака во зградата на македонската Влада, му давал дел од парите на премиерот Бучковски, и за возврат добивал потврда дека се примени, а потоа возел до делот каде живеат етнички Албанци во Тетово, каде го доставувал остатокот од кешот на политичките лидери на етничките Албанци и добивал друга потпишана потврда. Процесот се случил вкупно 3 пати (вкупно 7,5 милиони евра).

Инаку, Беким Земоски (германски државјанин) му беше личен советник на германскиот експерт (и екс-министер за финансии) Тео Вајгел, кој пак беше дел од владиниот експертски тим во тоа време. За да може да ги пренесува парите преку граници, Беким Земоски добил функција и дипломатски имунитет од страна на Бучковски.

Притоа „Маѓар телеком“ барал не само да не се дозволи конкуренција на неговата компанија на македонскиот пазар, туку и да не се продаваат акциите на друга компанија, иако самиот не сакал да ги откупи. Се споменува и косовска врска за перењето на парите, преку формирање некоја компанија која требало да послужи само за тоа. Во сведочењето Богоевски тврдел дека, иако бил вклучен во целиот процес, тој самиот не зел ни евро, туку побарал како услуга вработување на синот, што му било обезбедено.

Целото ова сведочење СЕЦ го снимило на видеолента и го има на транскрипт, а како дополнение Богоевски им предал речиси финализиран нацрт од „Протоколот за соработка“, кој сосема соодветствувал со она што било потпишано на крај, а кој бил откриен во 2011 година во претресот што грчката полиција го направила во канцеларијата на Кондоминас во Атина. Кондоминас, според Богоевски, инсистирал за се’ што е договорено да има само оригинални документи, не и копии, бидејќи тоа бил стилот на неговата работа, така што оригинал од документите имале наводно само тој и високиот македонски политичар чие име не го објавуваме, иако стои во транскриптот од сведочењето, нешто што тој според СЕЦ го признал лично на ФБИ и им кажал дека е во неговиот сеф.

Богоевски предал исто така и нацрт на „Нон пејперот“ со роковите за исплата, во кој стоело дека првата рата ќе биде исплатена на денот на потпишувањето на „Протоколот за соработка“, втората, исто така, од два и пол милиони евра на 30 декември 2005 година, а третата во јуни 2006 година. Овој календар на исплати се совпаѓал со мејлот што еден од директорите на „Маѓар телеком“ го испратил на вториот обвинет директор и што е сега доказ во постапката.

Третиот документ што го обезбедил Богоевски било писмо од Бучковски до Алек Штрауб во кое му се заканува дека други стратегиски инвеститори биле заинтересирани за телекомот, како и нацрт-меморандум за разбирање меѓу „Маѓар телеком“ и нашата влада во кој таа се обврзува да не ги продава преостанатите акции на компанијата на трета страна.

Иако одбраната на унгарските директори се обврзала да го држи во тајност неговото име како сведок, Богоевски се пожалил дека тие, сепак, го откриле неговиот идентитет во Македонија. Богоевски се соочил со одбраната на 15 јануари годинава и на 19 февруари, при што тој бил во Американската амбасада во Скопје, а сите американски адвокати и тие на одбраната биле во Вашингтон, од каде што учествувале во испрашувањето преку видеоконференција што траело вкупно осум часа. Само неколку часа по второто сведочење македонската полиција дошла во домот на Богоевски и го привела за издржување казна затвор, каде што се’ уште се наоѓа.

Адвокатите на унгарските директори се бранеле дека не можат да обезбедат ниту еден сведок од Македонија во нивна корист, бидејќи никој од официјалните лица не сакал да прифати дека Богоевски „бил најмен“ од СЕЦ во заговор против нив, дека не дале обврзувачки туку непотпишан документ за исплатите, а велеле и дека е спорна јурисдикцијата на американскиот суд околу случајот. Тие инсистирале од Богоевски да каже дали има други документи или копии покрај тие што веќе ги предал, на што тој поради сопствена безбедност не одговорил. Интересно е и тврдењето на Богоевски дека Павле Трајанов, поранешен министер за внатрешни работи, наводно, добил копии од документите околу аферата. Познато е одамна обвинувањето кој е високиот македонски функционер што учествувал во коруптивната шема, но тоа не е доволно за нашите власти да покренат постапка.

Во целиот процес во Њујорк биле испитани повеќе сведоци, од кои осум од Македонија и четири од Германија. Според тужителот – САД, Богоевски е клучен сведок во случајот и застанал со потпис зад секоја страница од транскриптот од сведочењето.

Инаку, „Маѓар телеком“, најголемата телекомуникациска компанија во Унгарија, заедно со матичната компанија „Дојче телеком АГ“, постигнаа спогодба околу целиот случај во вкупна вредност од 95 милиони долари со СЕЦ и американското Министерство за правда во декември 2011 година, но и покрај тоа СЕЦ покрена граѓански тужби против Штрауб, Балог и Морваи.

Ви пренесуваме дел од документот, од сведочењето на Богоевски.

b4-540x476 b1-540x321 b2-540x514 b3-540x515 b6-540x247 b5-540x361