БОМБА НА ДОЈЧЕ ВЕЛЕ: Името ги вжештило телефонските линии до Атина и Скопје, денеска и Меркел се слушнала со Заев и Ципрас

0
2423

Германската канцеларка вчера телефонски разговарала со македонскиот и со грчкиот премиер, Зоран Заев и Алексис Ципрас, потврдија за прес-службата на Дојче веле од кабинетот на германската канцеларка.

Од Берлин доаѓа само потврда дека канцеларката Ангела Меркел телефонски разговарала и со македонскиот и со грчкиот премиер. Темите и други детали не се соопштуваат, но разговорите се реализираат само два дена откако македонскиот премиер Заев на македонската јавност ѝ соопшти дека предлог-решението за името е „Република Илинденска Македонија“ и откако веднаш потоа стигна студениот туш од Атина преку соопштение на грчката влада – дека треба да се најде име што ќе има географска или временска одредница.

Германската канцеларка Меркел на маргините на самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија имаше одвоени средби со Зоран Заев и со Алексис Ципрас, по што порача дека се радува што слуша дека „добро напредуваат разговорите меѓу Македонија и Грција”. „Обете земји сторија многу во правец на значителен напредок, иако сѐ уште не се на целта”, рече таа минатиот четврток.

Меркел во Софија уште еднаш потврди дека одлуката за евентуален почеток на преговори на Македонија со ЕУ директно ќе зависи од решението во спорот за името: „Ние многу посакуваме спорот за името да се реши, затоа што за Македонија многу зависи од тоа решение, а истовремено да се реши и еден проблем”, рече германската канцеларка.

Заев од германската канцеларка доби охрабрување за изнаоѓање решение за спорот околу името и во текот на неговата прва официјална средба со Меркел во Берлин, во февруари годинава. Тогаш германската канцеларка констатираше дека Македонија и Грција никогаш не биле поблиску до решение за спорот во последните 10 години. Меѓутоа, Меркел во Берлин одговарајќи на новинарско прашање околу можноста да изврши влијание врз Грција, нагласи и дека вршење притисок нема да му биде од полза никому. Таа тогаш рече дека јавните изјави некогаш повеќе можат да штетат отколку да користат и дека е „најдобро да се разговара зад затворени врати”.

Македонија „има застој во својот развој пред сѐ поради нерешениот спор за името со Грција“, оцени во текот на викендот државниот министер во германското Министерство за надворешни работи Михаел Рот. Затоа, според него, неопходно е да им се даде „долготрајна поддршка“ на реформите на Заев. Западниот Балкан е „лакмус тест за траен успех на европскиот модел“, оцени Рот за „Велт ам Зонтаг“.

Се мобилизира европската и американската дипломатија,се прават обиди „да се зачува остварениот капитал од досегашните разговори, за да не спласне довербата меѓу соговорниците во процесот“, велат за ДВ дипломатски извори.

Бројни разговори на европски лидери и дипломати биле остварени деновиве со властите во Атина и Скопје, откако без резултат остана последниот предлог- пакет за кој се очекуваше дека ќе донесе компромисно решение на спортот за името. Како што дознаваме, оваа дипломатска офанзива имала за цел да ги врати на маса сите точки кои довеле до високо приближување на ставовите меѓу Македонија и Грција, речиси на чекор до решение. Како што велат дипломатски извори за ДВ, „не може да се негуваат посебни очекувања од претстојната рунда разговори во Њујорк на тројката Димитров – Коцијас – Нимиц, ако двете страни повторно се вратат на позицијата од која стартуваа пред неколку месеци, што по сите овие месеци би значело и ‘позиција под тоа’“.

За таа цел, во деновите пред њујоршката средба се мобилизира европската и американската дипломатија, се прават обиди „да се зачува остварениот капитал од досегашните разговори, за да не спласне довербата меѓу соговорниците во процесот“.

Коѕијас: Нема притисок врз Грција

Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, кој од вчера е во Вашингтон, веќе се сретна со американскиот државен секретар Мајк Помпео, но индиректно потврди дека Атина не размислува за последниот предлог – Република Илинденска Македонија.

„Ние ја поддржуваме потребата да прифатиме едно од имињата што ги предложи Нимиц. Не се согласуваме, како што знаете, со петото име од неговите предлози („Република Македонија (Скопје)“ -н.з.), и одиме напред кон усвојување на еден стратегиски план за пријателска соработка со оваа земја во иднина, со нејзиното ново име“, рече Коѕијас по средбата.

Одговарајќи на новинарско прашање, шефот на грчката дипломатија изјави дека за прашањето со името не разговарал со американскиот државен секретар, туку тоа било тема на средбите со помошникот државен секретар на САД, Вес Мичел. Во однос на евентуални притисоци врз Атина по прашањето за името, Коѕијас рече дека „никој не ја тера Грција на ништо, бидејќи таа ја има иницијативата за постапките, и сите на позитивен начин следат како една земја со активна надворешна политика промовира решенија“.

Денеска тој ќе се сретне и со советникот за национална безбедност на претседателот на САД, Џон Болтон, утре во Њујорк со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш и ќе има и работен ручек со претседателот на Генералното собрание на ОН, Мирослав Лајчак. Во четврток и петок повторно ќе седне на иста маса со македонскиот колега Никола Димитров и медијаторот Метју Нимиц.

Теодоракис држи час

Под радарот на Брисел и Вашингтон се постапките на властите во Скопје и Атина, околу начинот на кој ја презентирале последната предлог-опција која беше претставена како можност да се постигне согласност меѓу двете земји. На тој план, според извори на ДВ, Грција е во „минус“ поради сознанија дека таму, наводно и простото мнозинство околу можното решение „станало недостижно“, што го отвора прашањето дали постоела искрена желба и посветеност јасно да се презентираат сите придобивки од можноста да се стигне до решение преку конкретен предлог. Расположението што доминира во грчката јавност, исто така се смета за еден од индикаторите – колку пораките за важноста од доброседството, решавање на билатералните спорови и заложбите за стабилност во регионот, стигнуваат до граѓаните. Фактот дека пораките на некои јавни личности кои се истакнаа на митинзите во Солун и Атина на јавна сцена се подоминантни од владините ставови, говори дека не е направено нешто позначајно во таа насока. Последен пример во низата е ставот на грчкиот композитор Микис Теодоракис, кој е пренесен во многу грчки медиуми.

„Сите знаеме дека г-дин Заев има голем проблем. Тоа се екстремните националисти во неговата земја, кои ги сретнавме за време на претходната влада“, пишува Теодаракис, додавајќи дека нивниот „сон“ бил Македонија до Егејско Море, но смета дека дека истиот „сон“ сигурно го има и Заев и целото Скопје.
Во текстот тврди дека „Егејска Македонија“ е инспирана од Тито, а зачленувањето на северниот сосед во НАТО го толкува како чин кој ќе им олесни на Американците да ја уценуваат Грција со наведнување на главата. Последниот предлог (Илинденска Македонија) го оценува како име кое може да стане инструмент на фанатиците во Скопје.

„Како што реков во мојот говор во Синтагма, историската легализација на името ‘Македонија’ само ние Грците би можеле да ja дадеме. Но, тоа не може да го сторат 29% од оние што гласаа на претходните избори, туку ако е можно 100% од Грците“, пишува Теодаракис.

Кривична пријава за Заев

Во Македонија, дури и дебатата за последниот предлог некои ја сметаат за непотребна. Партијата „Левица“ вчера поднесе кривична пријава против премиерот Зоран Заев за загрозување на уставниот поредок.

„Граѓанин кој ќе доведе државата во потчинетост од друга држава го сторува ова кривично дело. Се повикуваме на официјалните изјави на премиерот на Македонија и на премиерот на Грција. Со прифаќање на ерга омнес решение и изјавата дека ќе се стори се да се прифати тоа, нанесена е штета и е доведена државата под зависност од друга држава. Бараме распит на пријавениот и процесуирање на случајот“, изјави Димитар Апасиев од „Левица“.

Тој додаде дека предметот ќе се проширува и против министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Веста ја пренесоа сите српски медиуми, а индикативна е изјавата на српскиот премиер Вучиќ, кој не ги спомнува разговорите за името, но ги прогнозира јунските „придобивки“ од ЕУ за Македонија.

„Во многу незавидна ситуација се Македонија и Албанија, кои, како што се претпоставува во јуни ќе бидат некако пофалени „да не се каже дека е катастрофа и дека ништо не добиле“ но нема да им се дозволи да ги отворат поглавјата“, изјавил српскиот претседател пред новинарите во Баку.