Блиските на функционерите кои беа вработени периодов почнаа да даваат оставки, ајде сега да си дадат оставки и вработените со непотизам во време на Груевски

0
234

Дел веројатно под притисок на најавените преиспитувања на вработувањата поради можен функцонерски непотизам кои ги најави новата Антикорупциска комисија, вкупно 18, но и дел можеби интерен притисок, после јавната објава на премиерот Зоран Заев дека ќе се преиспитаат таквите вработувања, почнаа да следат оставки од државните работни места каде што беа вработени блиски роднини или деца на моментални актуелни функционери.

Синот на пратеникот Горан Мисовски даде отказ на работното место во Агенцијата за осигурување, потврди пратеникот за НОВА.

Мисовски кажа дека неговиот син бил привремено вработен во Агенција за осигурување која го контролира приватниот сектор. Огласот траел една недела, а тој бил единствениот пријавен кандидат.

Ги исполнувал сите услови, вклучувајќи го и ИТ Мајкрософт сертификатот. За вработувањето, Мисовски ја информирал и Антикорупциската комисија.

И мајката на портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов се повлече од работното место во Централен регистер.

„Иако мојата мајка е вработена на транспарентен оглас, објавен оглас, каде што се испочитувани сите законски процедури, јас разговарав со неа и таа ќе се повлече од работното место. Очекувам овој принцип на висок морал да го следат и останатите функционери“, рече Костадинов.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски претходно за денеска најави први резултати по реакциите во јавноста за случаи на непотизам со вработувања во институциите на лица блиски до функционерите на власта.

Оставките следуваат по притисокот во јавноста дека блиски роднини на функционери се вработуваат во државни фирми.

Антикорупционерите составија листа од 18 вработувања кои најавија дека ќе ги преиспитаат – вработувањето во ЕЛЕМ на сестрата на министерот за култура Асаф Адеми и на сопругот на државната секретарка во МВР Магдалена Несторовска, на ќерката на претседателот на Собранието Талат Џафери, вработувањето во МЕПСО на сестрата на министерот за економија Крешник Бектеши, вработувањата во училишта на сопругата на градоначалникот на Општина Берово Звонко Пежевски, на сестрата на пратеникот Александар Кирацовски, на сопругата на градоначалникот на Општина Неготино, вработувањето во МВР на сопругата на пратеникот Зеќир Рамчиловиќ.