Беса и Алијансата за Албанците ќе го поддржат Заев за нова влада

0
453

Потпретседателот на Движењето Беса, Зеќирија Ибрахими изјави дека неговата партија е подготвена да гласа во Собранието за новата влада доколку претседателот му го даде мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, објави Алсат-М.

Од Беса велат дека за модалитетите ќе разговараат откако лидерот на социјалдемократите ќе го добие мандатот. Во однос на соработката со ДР ДПА, Ибраими вели дека Села првин треба да се извини за изјавите против Движењето Беса.

– За модалитетите на нашето учество во ова парламентарно мнозинство и потоа во извршната власта ќе се зборува откако Заев ќе го добие мандатот. Сметам дека е уште рано поради фактот дека во јавноста постои голема скептицизам за тоа дали мандатот ќе му биде доделен на Заев. Доколку тој го добие мандатот тогаш ќе зборуваме за можностите за соработка со него – додава Ибраими

И од партијата ДР-ДПА изразија готовност за соработка со Заев доколку добие мандат за формирање влада.

– СДСМ не треба преку прес-конференции да бара некој да му го подари мандатот. Доколку сака да формира Влада и ги има бројките, СДСМ ќе треба да почне преговори со албанските политички субјекти. Сакал или нејќел јас, за жал, најпрво со ДУИ затоа што тие ги имаат бројките, без нивните бројки не може да се прави никаква комбинација за влада – вели Зијадин Села, претседател на ДР-ДПА

Села во емисијата “200” изјави дека СДСМ треба да прифати дека по формирањето на владата ќе го поддржи Законот за употреба на албанскиот јазик на целата територија на Македонија.