А кога Героски навистина замина во партизани? Приказната за тоа како Геро ги пречекал Грујо и Боркица во вилата на Матка!

0
1828

Во времето, кога живеевме во заробена држава под окупација на Груевски и Фамилијата, сметав дека е исправен ставот дека додека душманот нѝ е заеднички не се потребни кавги помеѓу борците од нашата страна на барикадата. Сега, кога сонцето на слободата е изгреано над Македонија, во право се оние кои тврдат дека таквата монолитност, внатре во демократските кругови, повеќе не е потребна, односно, кажано со лексиката на комунистите, потребна нѝ е и „другарска“ критика. Со полн ризик дека таквиот полемички и критизерски дискурс би одел во прилог на тврдењето на „бандата криминална“ на Груевски дека за шарените, соросоидите и комуњарите не е потребно тие да ги напаѓаат и критикуваат. Доволно е да им се даде малку демократија и самите меѓу себе ќе се испокараат и испоплукаат.

Повод за оваа моја реакција е полемиката помеѓу новинарите Бранко Героски и Гоце Михајловски, која од својот Фејсбук профил, Героски ја пренесе на страниците на медиумите кои тој ги раководи, а која подоцна се прошири и со „писмо на поддршка“ од Златко Теодосиевски.

Мотивот да се вклучам во оваа полемика накратко би го опишал со модификации на две, често употебувани, фрази, едната позајмена од секојдневната комуникација – кој за што, Героски за чесноста (о поштењу) како десет години се борел против режимот на Груевски, и втората (дел од наследството на античката филозофска мисла) – мили ми се борците против режимот на Груевски, но уште помила ми е вистината.

Последниве години, Героски, не само што преку (зло)употреба на медиумите кои ги раководи врши нималку скромна себепрезентација како бил голем демократ и жесток противник на аполутистичкиот режим на Груевски во десетте години негово владеење, туку, по падот на режимот, тој си зема за право и да евалуира кој каде бил и што правел кога се „гинело“ на барикадите, т.е. кој одел во партизани, а кој во четници во 1945. Во идеализирана биографија, без сомение, тој за себе би напишал дека заслужува најмалку партизанска споменица од 1941, ако не и споменик или маузолеј да му се подигне за живот, бидејќи е убеден дека тој е еден од гигантите на македонската борба за демократија.

За негова жал, неговата улога во годините на вмровска окупација му е сепак поразлична, не толку блескава и не баш прикладна за ордени да му се редат на јуначките гради. (За тоа какво му е новинарското „вјерују“ на Героски јас можам да судам само преку личното искуство кое го имав со него додека пишував за медиумите кои тој ги раководи (Плусинфо и Слободен печат), но за таа лоша епизода не би ги замарал читателите. Барем, не во оваа колумна.) Би се задржал на прашањето кога навистина Героски заминал во партизани, односно дали пред тоа можеби и тој не соработувал со окупаторот?!

Доаѓањето на Груевски на премиерската функција во летото 2006., Героски го затекнува на позицијата главен уредник на дневниот весник Шпиц, при што првиот антивладин гест му е регистриран некаде во половината на 2008 година, кога ја напишал првата колумна против владата на Груевски. Причината за револтот на Героски не била поради лошото владеење на власта, популистичката политика, недомаќинското трошење буџетски средства, антидемократските методи, туку тоа што во предвидената распределба на пари за медиумски реклами на владините политики, владата за Шпиц предвидела помалку пари отколку за Дневник и Утрински весник. Аргументацијата во колумната му била дека Шпиц е најтиражен дневен весник во државата и од тие причини требал да добие највеќе владини пари за реклами, додека Владата се водела од критериумот квалитет, а не кванититет (точно дека Шпиц бил најтиражен, но тој тогаш бесплатно се делел или според цената бил петпарачки во однос на сè уште сериозните изданија на МПМ). Својата вехементна колумна, Героски ја завршил со достоинствена порака до владата дека на Шпиц воопшто не му требаат пари од владата, и повеќе немало да се пријавувал на владините повици кога на ваков начин го потценувала (му доделувала помалку буџетски пари од тоа колку Героски сметал дека требала да му даде). По само неколку дена од овој напис, на целата ударна трета страна од весникот Шпиц осамнала реклама во која се величеле владините политики на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Буквално за едно деноноќие Героски си го сменил гордиот став, воден според српската изрека „дај шта даш“ или „боље ишта него ништа“. Толку за принципиелноста, достоинството и чувството за одговорност кон парите на граѓаните, за што Героски, во годините потоа, континуирано ги критикувал другите вмровски медиуми.

Но, како сегашната омраза, така и поранешната љубов помеѓу Героски и Груевски си имала своја предигра и флерт и таа не започнала со оваа јавно искажана алчност за народните пари од владините реклами. За првото душкање и врзување на опашките помеѓу Героски и Груевски, тој самиот има напишано барем две-три колумни, чија содржина би ја оценил според народната „она од што паметниот се срами, будалата се гордее“. Така, тој самиот јавно има напишано дека некаде во 2006 година (или порано), го поканил Груевски со Боркица во неговата викендичка на Матка, каде со неговата сопруга го угостиле со ручек и му ги понудил/отворил страниците на својот весник за целосна медиумска поддршка на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ на претстојните парламентарни избори. Ова јавно сведоштво за неговиот однос кон Груевски не е ништо друго туку подлизурско и клиентелистичко новинарство од најдолен вид, презирано и од човечки и од професионален аспект. Полтронство кое во кариерата на секој новинар би било срамно и кое би требало да го одмолчи, Героски јавно го соопштува (фали?) како да е вообичаена, па и пожелна пракса во медиумскиот бизнис. Или можеби ужива да се пофали на читателите дека со водечките политичари во државата често пати бил на заедничка софра, имал однос на ти, дека и самиот е величина кога е прифатен од општествената елита да биде дел од неа. На каков подбив беше изложен од опозициската јавност кога јавно побара прием кај претседателот Хорхе, за да го посоветувал како да ги оправи работите. Да, и тоа е Героски, кој мал милион пати имал напишано за себе дека бил и професор по новинарство (според кои академски квалификации???) и дека учел млади новинари на кредибилно и професионално новинарство.

Меѓутоа, во 2006 година Героски со Груевски го направил она што, повторно, според сопствено јавно сведочење во колумна, го направил и во 1998 година со Љубчо Ѓеоргиевски – дал личен придонес, преку уредувањето на Дневник, власта да била сменета. Нешто што Героски и сега упорно, но за среќа не успешно, се обидува да го направи со новата влада на Зоран Заев и СДСМ: им се нуди на послужавник (како да е локум, а не пелин)и им ги нуди страниците и просторот на медиумите кои се под негово раководство, за да објавуваат провладини текстови; прогласува мораториум во првите сто дена за секаква критика на Владата, мораториум кој не подразбира и истовремена забраназа фалење и апологетство кон истата таа влада.

Напротив, самиот потпишува колумни со наслови кои, веројатно, и на премиерот и на министрите им е срам да ги читаат. Како епик примери за без’рбетство мусе насловите на колумните„Браво Заев!“ и „Јавно и отворено поддршка за Кочо Анѓушев“, но и најновиот текст за посетата на Заев на Израел, насловен „Триумфална посета на Израел на македонскиот премиер Зоран Заев“. А што тек следи под насловот, тоа е да поцрвени човек од неговиот срам. Наслови и содржини за кои мислевме дека се минато, и се дел од најмрачниот период на македонскиот журнализам, својствени за Курир, Сител, Канал 5, Инфомакс, Нетпрес, повторно се повампируваат преку перото на Бранко Героски. Текстови од кои сигурно му се повраќа и на менаџментот на Адриа медиа група, кога со иста содржина ќе ги прочита во белградските Информер и Пинк за Александар Вучиќ.Прашање на ден е кога и самиот Зоран Заев ќе му порача: „Аман, Геро, не ме брани веќе, само штета ми нанесуваш!“.

Професионалното кредо на Героски е толку лесно читливо и е препознатливо во зборовите на Амди Бајрам: „Јас сум секогаш со власта“. Героски тоа го прави малку посуптилно иако веќе и влас(т)ите се сетиле да го прочитаат: се врзува со секоја нова власт во првата половина од нејзиното владеење, за во втората половина да се ориентира кон опозицијата, помагајќи ѝ со медиумите кои ги уредува да победи на изборите, за потоа тоа добро да го наплати. И хронологијата на неговото уредникување го потврдува тоа: поддршка на ВМРО-ДПМНЕ од 1996 до 2000., со избори одржани во 1998 год. (две години опозиција и две години власт), поддршка на СДСМ од 2000 до 2004, со избори одржани во 2002. (исто 2 опозиција + 2 власт), поддршка на ВМРО-ДПМНЕ од 2004 до 2008, избори одржани во 2006 (2+2) и лимбо период од тогаш до денес, кога упорно очекува, се надева и се нуди на бившата опозиција, а сегашна власт, повторно да го играат. Но полтронската и калкулантска улога му е прочитана, колку и да се обидува во своите текстови да се претстави дека е партизан уште од 1941. Секако дека не заминал во шума на крајот од војната, во 1945 година, но и одењето во партизани по Сталинградската битка во 1943 се сметало за опортуно, бидејќи победникот веќе се наѕирал на фронтот. Кај партизаните, соработка со окупаторот била непростива.

Му посакувам на Героски да истрае во својата борба за боречка пензија. Двајца сведоци сигурно ќе најде. Едниот веќе се јави да го поддржи („И не дека Героски не е во право. Во право е сто посто!“).

Д-р Ненад Живановски

СПОДЕЛИ