АЈДЕЕ, ВЕЧНИОТ ВМРОН САШО ГИГОВ – ГИШ САКАЛ ДА РУШИ 3/4 ОД СКОПЈЕ 2014-ТА, БИЛО КИЧ?!?!?!

0
1318

Македонскиот поет, есеист и естраден уметник Сашко Гигов Гиш е мошне разочаран од она што се случувало со неговиот сакан град во изминативе години. До таму што е дојден во ситуација некогаш да воопшто не сака да се врати во него по престојот во странство. Сонува за тоа градот да биде променет на подобро за да не се чуствува тесно во сопствените кондури

о Кога ќе кажете Скопје, кои мисли и слики Ви се појавуваат?
– Прва слика секогаш ми се Водно и Вардар. Тие се главна трансферзала, главна артерија на градот. Посебно Водно, кое прво го гледам кога од некаде се враќам во градот, кога си среќен кога му се враќаш. Такво секогаш ми беше чувството но сега веќе не е така. Сега кога сум искочен некаде надвор од земјава не сакам да се вратам. А кога по 50 години имаш такво чувство тогаш нешто не е во ред со местото или со тебе.
А во мислите постојано ми е и една турска поговорка за Скопје: „Од Скопјанец ќерпич не бива“. Односно, Скопјаните не се мешаат со секакви ојленци и дојленци…

о Кое Скопје го сакате повеќе, ова сега или тоа од порано?
– Дефинитивно тоа од порано. Но, не она од времето на моето детство туку она Скопје во кое живееле татко ми и мајка ми. Тоа бил период во кој доминирала човечност кај луѓето, се ценела човечиштина, луѓето се почитувале еден со друг, имале блискост меѓу себе. А ако е племенит човекот тогаш и градот е племенит. Пред 24 години објавив книга посветена на Скопје, „Душата на градот“, сега планирам да објавам ново издание во кое на секоја песна од таа книга ќе допишам уште една песна, запис, колумна. Врзано за Скопје често се потсетувам на мислата на Радомир Константиновиќ од делото „Филозофија на паланка“. Тој го поистоветува градот/паланка со ограничен дух кој му пречи на индивидуалец да се надмине себе си. Емил Сиријан, филозоф вели дека „доаѓа времето на апатридите, во секој денешен граѓанин спие иден доселеник“.

о Што позитивно, а што негативно влијаеше врз Вас живеењето во Скопје?
– Најнегативно ми влијаеше кичерајска бестијалија. Наеднаш се почувствував како да сум во некој нем филм на Фриц Ланг каде што експресионистичките кулиси го затскриваат непостоењето на урбусот како органска целина во симбиоза со човекот. Кога нешто те застрашува тогаш не можеш да го сакаш. Освен ако не страдаш од „Копенхашкиот синдром“ со кој жртвите ги заскуваат своите киданпери.
Од друга страна, имав привилегија да растам во Клубот на уметниците „Кај Јоле“ со такви големини и обични луѓе какви што беа Глигор Чемерски, Петре М. Андреевски, Газанфер Бајрам, Тодорче Николовски, Жарко Јакимовски и многу други со кои научив што е урбаната интернационала и кои се нејзини регалии и параферналии. Ќе го цитирам Чемерски кој ми рече: „Немам 100 животи за само еден да го потрошам да бидам само скопјанец или само Македонец…“

о Што му дадовте Вие на Скопје?
– Хипотека од семеен сентимент и меница без покритие од еден провинциски ресентиман.

о Со што најмногу се гордеете во Скопје?
– Со Чаршијата, единствено таа остана автентична, со градбите и со луѓето во неа. Уште го држат она што на турски се нарекува „едепли“, односно, кога некој е убаво воспитан. Во Чаршијата уште се чува заедништво, меѓусебно почитување, поздравување, се внимава на односот меѓу луѓето. Скопје, пак, стана џунгла. Некогаш градот имал автентичен дух кој вибрирал со духот на времето. Во моментот, над Скопје не лебди духот на Скопје туку лебди сениште кое ја наклапушило Европа од времето на комунистичкиот Манифест. Ако мене ме прашувате, над Скопје лебди духот со секира или „Загор те неј“, јунакот од моето детство од цртаните романи.

о Преголемо ли е Скопје за Вас, треба ли да расте или да се намали?
– Скопје одмана ги прерасна сопствените кондури а никако да се надрасне. А кога некого го стегаат кондурите сите одоколу ги болат главите и не се чувствуваат убаво, а посебно тој што ги носи. Така сме и ние во градот.

о Што Ви недостасува во градот, а што би одзеле?
– Ми недостасува слободата на движењето, слобода на избор и слобода на напуштање на градот.
А би одзел три четвртини од оние фигурни на главниот градски плоштад, од тој парк на апсурдот. Би го ослободил плоштадот од таа начичканост. Тие се уљези, натапници, кои не можеш со убаво да ги тргнеш

о Во какво Скопје сакате да живеете?
– Би сакал да живеам во Скопје што нема да биде Скопје. Сакам да живеам во градот кој ќе биде променет на подобро. Па да биде така, како што нашите стари се „дотеруеле“ за Божик и за Велигден и сите си викале „Добар ден“ на улица, да не се делиме на „наши“ и „ваши“ и да се знае кој е еснаф а кој фукара.