Аргирова за ДВ: Сакам јавен сервис на кој граѓаните ќе му веруваат!

0
243

Сакам луѓето да му веруваат на Јавниот радиодифузен сервис, вели новата уредничка на информативната програма во МТВ, Санта Аргирова, за Дојче веле.

– Многу ми е драго што, и покрај тоа што лично не се кандидирав, сепак сум била предлог на повеќе колеги. Им благодарам за довербата и за убавите зборови. Тоа е голема награда за мене. Секако ќе го доживеев истото и да не беше ваков исходот. Не е едноставна одлука, но ќе се обвинував ако не го прифатев овој тежок предизвик. Почнав и се изградив како новинар во МТВ, а сега после многу години се враќам во својата матична куќа – вели таа.

Во договорот не е превидено таа да дојде во МТВ со свој тим.

– Одам сама, но убедена сум дека со колегите кои веќе работат во Информативната програма можеме да дојдеме до позитивни оценки во извештаите на ОБСЕ/ОДИХР и на ЕУ. Од тука треба да биде поттикнувана дебатата за чувствителните прашања. Тоа е можно ако не молчи, ако не биде замолчувана. Треба да се вратиме на Уставот каде што е гарантирана слободата на информирањето. Јавниот радиодифузен сервис не треба веќе да значи сервилност на центрите на моќ. Ќе биде многу тешко. Веројатно и исцрпувачки. Ќе треба многу енергија. Голема мотивација ми е целта – сервис на сите граѓани, професионален и објективен. Сакам луѓето да му веруваат. Кому, ако не на Јавниот радиодифузен сервис – вели таа.

Санта Аргирова е искусен новинар со богата професионална кариера и познат новинарски ТВ-лик. По дипломирањето на студиите по новинарство на УКИМ (1988), во еден период пишувала во „Млад Борец“ и „Студентски збор“, но нејзиниот првото вработување е токму во МТВ , како новинар-репортер (1986), а во годините потоа и како уредник на вести и уредник во надворешно-политичката редакција. Како акредитиран новинар известувала од значајни политички настани – од потпишувањето на Привремената Спогодба меѓу Република Македонија и Република Грција во ОН, преку бројни меѓународни посети на високи претставници, до известување од значајани светски самити.

Беше препознатлив бренд и на ТВ „Телма“ (1997-2002), прво како уредник и водител на вести, а потоа и автор и водител на политичката програма „20/20“.

Претходно, една година работела и во МНР како прв секретар во Управата за соседни земји (1996-97), подоцна како шеф на Кабинет на министерот за надворешни работи (2002-2006), но и како раководител на Секторот за јакнење на институциите во Секретаријатот за европски прашања (2006-2008).

Во нејзината професионална биографија стои и ангажманот во информативната програма на ТВ „Алфа“ (2008 – 2014) како автор и водител на политичката емисија „Пресинг“, но и уредник за надворешна политика.

Во последните две години е активна како фриленсер, најчесто во соработка со „Ал Џезеира“ – Лондон. Автор е и на два романа – политички трилери, „Портрет од Дрезден“ и „Добро утро Јаков“, објавени во 2015 година.