Ангеловска за МИА: Дарежливост за инвестиции и добри проекти, скржавост за непродуктивни трошења

0
98

Можноста да се прават промени. Тоа е клучниот мотив поради кој Нина Ангеловска ја прифатила понудата да биде министерка за финансии.

Во интервју за МИА, прво по нејзиниот избор за министер за финансии, Ангеловска нагласува дека нејзините препознаени  капацитети, знаење и досегашниот труд ќе бидат ставени во функција на државата.

– Сите сакаме промени од една страна, но промените не се лесни, а уште помалку се прават  со критикување. Ова го  гледам како можност да правам промени, бидејќи тие тешко се прават однадвор, но се прават внатре, во Владата. Не сакам да верувам дека успехот во нашата земја не се простува, како што велат,  сакам да докажам дека може да биде спротивното и да бидам  мотивација за други млади луѓе кои се способни затоа што нам ни останува да ги водиме промените, вели Ангеловска.

Ветува дарежливост за инвестиции што ги враќаат парите, ќе донесат економски раст и ќе ја намалат невработеноста, а ќе биде штедлива за непродуктивните трошења. Има план како да стимулира поголемо користење на парите за капитални инвестиции. Пред неа е, како што вели, амбициозна агенда во фискалните политики, насочени кон економски раст, зголемување на продуктивноста, намалување на невработеноста. Таа во интервјуто зборува и за мерката за стимулирање на растот на платите предвидена со претстојниот ребаланс на Буџетот, прогресивното оданочување, проектот „Мој ДДВ“, а ги коментира и шпекулациите и обвинувањата за начинот на работењето на он лајн платформата „Групер“ што ја менаџираше во изминатиот период.

Што беше мотивација да прифатите министерска позиција во овој ресор?

– Пред се, кога сум добивала меѓународни признанија, признанијата секогаш носат мотивација и се избор за уште подобра работа, бидејќи знаеме дека секогаш може подобро. Е, сега, ова е различен начин на препознавање. Можам да кажам дека понудата ја сметав како начин на препознавање на моите капацитети, мојот потенцијал, моето знаење и труд што сум го постигнала досега да бидат ставени во функција на државата. Кога размислував, не можам да кажам дека одлуката ми беше лесна, Групер е граден со многу пасија низ годините, со многу напорна работа. Од друга страна во новосоздадена индустрија каде што правевме борба за промени во законските регулативи, а поради тоа ја основав и Асоцијацијата за електронска трговија која што се залага за промени и сега кога кажувам промени доаѓам до главниот мотив – што ми беше мотив да го прифатам овој ресор, или да кажеме драјвот кој беше клучен. Тоа сметам дека беше можноста да се прават промени бидејќи сите сакаме промени од една страна, но промените не се лесни, а уште помалку се прават од критикување, нели. Ова го гледам како можност да ги правам промените, бидејќи промените тешко се прават од надвор, но се прават од внатре во Владата. И уште  сакам да додадам дека не сакам да верувам оти успехот во нашата земја не се простува како што велат, сакам да докажам дека може да биде спротивното, да бидам мотивација за други млади луѓе кои се способни затоа што на нас останува да ги водиме промените.

Токму на адреса на вашата младост дека со 31 година вие станувате првата жена министер беа упатени редица критики од опозицијата, имаше и многу шпекулации во јавноста како во однос на капацитетот поради младоста да одговорите на предизвикот, така и за компанијата „Групер“ што ја основавте и менаџирате со години, дали е плагијат начинот на којшто сте ја раководеле? Кој е вашиот одговор на сите овие шпекулации и коментари и очекувања?

– Да, тука поставивте неколку прашања и ви благодарам за прашањата. Прво, еве, ќе се осврнам на младоста, спомнавте дека сум многу млада. Не би рекла дека сум многу млада, бев многу млада кога имав 21 година кога се впуштав да основам бизнис во индустрија која што не постеше речиси кај нас. Не зборуваме само за ниска интернетпенетрација, туку и за немање на платежни картички. Тогаш да, бев млада, бев полна со енергија и ентузијазам дека ќе предизвикам промени во таа индустрија. Меѓутоа, исто така, сега кога спомнуваме дека имаше критики за младоста и искуството, свесна сум дека сум поразлична од досегашниот профил на луѓе кои ја воделе оваа одговорна функција. Значи, од една страна сум – да различна, но од друга страна кога зборуваме за фискални политики знаеме дека фискалната политика е средство за постигнување на економските цели. Знам, јасно ми е дека Министерството за финансии е крвотокот на државата, ама ако зборуваме за постигнување на економски цели тука доаѓа дека за која било цел која што сакаме да ја постигнеме е клучно доброто менаџирање. Затоа секогаш слушаме менаџирање со јавен долг, менаџирање со јавни финансии, а во менаџирањето досега јас и теоретски и практично и дома и интернационално сум се докажала. Менаџирањето бара широки интердисциплинарни познавања особено денеска во современиот свет и бара да се препознае потенцијалот, да се постават правилните прашања, да се донесат правилните одлуки на база на анализа, истражување и да се постават приоритети во овој случај коишто ќе донесат најмногу бенефити и за граѓаните, но и за бизнисите.

Да се осврнам на вториот дел на вашето прашање и за тоа ви благодарам затоа што еве можеме да ги расчистиме дилемите и шпекулациите коишто беа поставувани изминатата недела, а во Собранието ми беа директно вперувани, а јас не можев да одговорам на сите тие работи. Прво, во однос на тоа  дека „Групер“ е плагијат ако ги погледнете сите мои интервјуа од 2011 година па наваму ќе видите дека јас во секое интервју кажувам дека „Групер“ е инспириран од успешната американска компанија „Групон“ и оти ние донесовме нов бизнис модел на македонскиот пазар  во време кога не постоеше ниту тој бизнис модел, ниту онлајн плаќањата и е-трговијата. И сега тука не можеме да кажеме за бизнис модел што сме го донеле каде што јас цело време сум кажувала од каде е инспириран  дека било плагијат. Тоа е бизнис модел којшто постои во секоја една држава во светот и е македонска компанија градена со многу труд и работа, која што соработува со 3.500 компании,  опслужува над 200.000 корисници и има креативен млад, динамичен и ентузијастички настроен тим. Во однос на тоа дали сме работеле во согласност со регулативи, проиписи, беа споменувани и минимални плати, благодарам на приликата да ги демантирам сите тие невистини коишто беа, како да кажам, спинувани информации. Компанијата ниту има 12 вработени, ниту дели минимални плати, ниту вработува ИТ-инженери, напротив, ние имаме аутсоср  компанија со која што работиме за се што е развој на софтверот, така што, ги демантирам сите тие невистинити информации коишто беа упатени.

Целото интервју прочитајте го на МИА