Алсат-М: Предлог на маса – преодна влада од ноември, Груевски да се повлече од јануари

0
122

Преговарачките екипи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, предводени од партиските лидери Никола Груевски и Зоран Заев, ги продолжија денес преговорите за излез од кризата далеку од очите на јавноста. Како што дознава Алсат М, на овие средби со посредство на американскиот амбасадор Џес Бејли, се разговара не само за содржината и времетраењето на привремената влада, туку и за реорганизирање на сите институции кои се во надлежност на извршната власт.

lideri i i

Барањето на СДСМ е преземање на Министерството за внатрешни работи, а во пакетот на преговори, меѓу другото се и УЈП и МРТВ. На вчерашната средба немаше приближување на ставови околу времетраењето на мандатот на привремената влада без учество на Никола Груевски. Алсат М неофицијално дознава дека на маса е предлогот со кој преодната влада со вклучување на СДСМ и супервизорите во некои клучни министерства, да почне со работа во ноември, а мандатот на премиерот Никола Груевски да престане во јануари 2016 година.

Заминувањето на Груевски од функцијата премиер ќе се реализира со измена на Изборниот законик, со кој ќе биде исклучена можноста политичките лидери да ја вршат премиерската функција, последните три месеци пред изборниот процес.

ДУИ и ДПА не учествуваа во оваа фаза на преговорите, но го поддржуваат предлогот за брзо решавање на отворените прашања меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Во однос на препораките на Прибе, Европската унија и извештаите на ОБСЕ од последните избори, страните се согласија дека Секретаријатот за европски прашања веднаш да започне со спроведувањето на акциониот план за решавање на забелешките и препораките.

Формирана е и надзорна група со учество на претставници на страните во преговорите, Никола Поповски, Радмила Шеќеринска, Артан Груби и Имер Алиу, за надзор и одобрување на процесот на имплементација на препораките. Билатералните средби меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе продолжат до крајот на оваа недела, додека нова заедничка средба на четирите лидери не е планирана за овој период.