Алсат-М: Од ВМРО-ДПМНЕ пред гласањето избришале делови од Законот за специјално обвинителство

0
332

osnovensud1-540x320

Претставниците на ВМРО го смениле текстот на Законот за специјално обвинителство изработен токму од четирите политички партии и меѓународниот посредник за време на неговото испраќање до Собранието, дознава Алсат-М. 

Без ничие знаење, нечесно, ја скратиле втората алинеја од член 3, од каде е изваден ставот кој гарантира гласање по Бадентер на Советот на обвинители, за избирање на специјалната обвинителка. Сменетата верзија предвидува гласање со Бадентер само во Собранието, но не и во Советот.

И покрај измените на законот за кој претходно се согласија, Советот на обвинители ја изгласа Катица Јанева со Бадентерово мнозинство вечерта на 15 септември. Измената на законскиот текст поминала без да биде забележана од страна на албанските партии во Парламентот. Реакциите за ова дојдоа вчера за време на дискусиите на работната група од страна на претставникот на ДУИ, Артан Груби.

Извори од преговорите истакнуваат за Алсат-М дека откако било констатирано дека фалсификатот е направен од страна на ВМРО-ДПМНЕ, посредникот Питер Ван Хојт го исклучил нивниот претставник Никола Тодоров од работната група. Тодоров се сметал како недоверлив за да учествува во понатамошната работа.

Во меѓувреме, во Законот за специјално обвинителство и понатаму останува загарантирано начелото на Бадентер за време на избирањето на обвинителите и останатиот тим. ДУИ сака да го наметне Бадентер и во гласањето на Државната изборна комисија, но досега другите политички партии, главно ВМРО-ДПМНЕ, се двоумат.