Алијансата на Албанците ќе повика на бојкот на евентуални нови избори

0
1401

Алијансата за Албанците ги повика партиите на Албанците да бојкотираат евентуални нови предвремени избори доколку ниту еден политички субјект не ја прифати Платформата со седумте барања и не се обезбеди парламентарно мнозинство.

Ова доаѓа по вчерашното интервју на лидерот на ДУИ Али Ахмети за ТВ 21, кој кажа дека за нив отворени се пет опции, коалиција со ВМРО-ДПМНЕ или со СДСМ, техничка влада, партијата да биде во опозиција или пак нови избори. Зијадин Села вели дека сега е времето кога треба да се решат сите прашања кои ги засегаат Албанците, во спротивно политичката криза ќе земе поголем замав.

Од Беса велат дека Ахмети и Груевски имаат договорено сценарио, да глумат дека божем водат преговори, за на крајот и едниот и другиот да се прогласат за големи патриоти кои не прават отстапки, купуваат време а излезот го гледаат во нови избори. Според генералниот секретар на партијата Африм Гаши, Никола Груевски и Али Ахмети пред електоратот ќе се претстават како спасители на нациите, но целта е јасна да не се создаде влада и да не се продолжи мандатот на СЈО.

Лидерот на ДУИ Ахмети во вчерашното интервју посочи дека доколку не се прифати Платформата ќе има нови избори. Секоја избрзана одлука може да предизвика последици. Не брзаме никаде, туку 99 пати ќе размислиме, а стотиот ќе пресечеме. За да донесеме одлука ќе ги анализираме придобивките и последиците и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, рече Ахмети.

Пред да се донесе одлуката, Ахмети ќе организира средби со гласачкото тело а ќе се отворат и дебати за сите прашања од платформата. Тој не ја исклучи ниту можноста од евентуална коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Упати апел до нив во прв ред да ги стават државните интереси, да создадат стабилност во земјата и да го решат спорот за името.

Извор: Телма