Албанските опозициски партии се обединија контра режимот: Избори на 5 јуни не можат да се одржат

0
147

„Во време кога човековите права и слободи се сериозно повредени, кога демократијата и гласот на граѓанинот се заробени од владејачките партии и кога уставно-правниот систем е нарушен од главните државни институции, ние сме уверени дека предвремените парламентарни избори на 5 јуни 2016 година, распишани од Претседателот на Собранието, не можат да се одржат.

За воспоставување на нормална состојба во земјата, после што може и треба да се одржат предвремени парламентарни избори, ние цениме дека што побрзо треба:

– г. Ѓорге Иванов да ја повлече одлуката за помилување на сите лица кои се предмет на истрага од Специјалното јавно обвинителство во Македонија;
– Со помош на меѓународниот фактор да се изнајде начин за одложување на датумот за избори, сè до исполнување на сите предвидени услови во Пржинскиот Договор;
– Да се изврши притисок кон четирите политички партии потписнички на Пржинскиот Договор со цел негово што побрзо спроведување.

Ние без сомнение сме определени за воспоставување на демократијата и целосно обезбедување на правата и слободите на Албанците во земјата, како и за декриминализација на власта, овозможувајќи владеење на правото и борба против корупцијата и криминалот, што подразбира непречено функционирање на Специјалното јавно обвинителство, департизација на сите државни институции, како и слободни, објективни и професионални медиуми, финансирани на транспарентен начин, со што би се создале услови за одржување на кредибилни избори, прифатливи од сите учесници и од меѓународниот фактор.

Ние сме решени за исполнување на нашите цели да го употребиме секој дозволен демократски начин, за што бараме поддршка од сите опозициони политички партии, невладините организации, различните субјекти кои ги имаат овие цели, како и од сите албански граѓани и други.

Тука ја потенцираме и нашата добра волја за поддршка на сите други активности кои одат во насока на овие цели, односно и на протестите на граѓанското општество кои се организираат овие денови.

Ние ја изразуваме волјата на нашите субјекти за соработка на албанските опозициони партии и ширење на оваа соработка со сите заинтересирани субјекти, како потреба на моментот и барањето на албанското јавно мислење во Македонија, со цел зближување на нашите ставови и платформи и промена на тешката состојба на албанскиот народ во земјата“, се вели во заедничкото соопштение на БЕСА, УНИТЕТИ, НДП и ПДП.