Актери од Театарот за деца и младинци: Димитров перфидно ја опструира младинската сцена

0
248

Соопштение на актери вработени во „Театар за деца и младинци“:

Ние, актерите вработени во „Театар за деца и младинци“, потпишани на ова соопштение, одлучивме со отворено писмо до медиумите да го изразиме нашиот јавен РЕВОЛТ поради одлуките на директорот на институцијата – Братислав Димитров. Нашиот револт е исто така предизвикан и од маркетинг секторот на „Театарот за деца и младинци“ поради десет-месечната опструкција на младинската сцена која е непобитен и еднакво значаен дел од програмската активност на театарот.

Имено, Братислав Димитров од самото негово назначување на функцијата, директор на институцијата, се обидува перфидно и со подмолни постапки да ја опструира работата на младинската сцена а со тоа опструира и девалвира дел од програмата на „сопствениот“ театар и секако го омаловажува трудот кој ние како актери и целата екипа сме го вложиле во продукција и реализација на тие претстави. Основната „алатка“ со која маневрира, директорот, е маркетинг секторот на институцијата кој упорно (и по сите наши повици и интерни состаноци) се оградува од промовирање и „продавање“ на претставите од младинската сцена со изговорот: „Директорот рече дека немаме обврска да ги продаваме тие претстави…“. И потоа е „нафрлена идејата“ за нивно симнување од репертоарот бидејќи биле недоволно посетени. Оваа перфидна игра ќе доведе до згаснување на единствената (во моментов) младинска сцена во државава. Младинската сцена, која е специјализирана/наменета/се обраќа на конкретна публика, е од круцијално значење за надоградување и развој на оваа публика кај нас. Истовремено тоа е сцена која ни помага во професионалниот развој и надоградување и на нас – актерите. И конечно, во самото име и статут на „Театар за деца и младинци“ стои дека оваа институција има должност да обезбеди младинска сцена за публиката. Директорите и останатите управни органи се менливи, но младинската сцена во ТДМ постела и ќе постои. Тоа го докажуваат бројките и успесите во изминативе 26 години.

Очигледно некому не му се допаѓа тоа што моментално младинската сцена е активна и гласно говори за општествените проблеми во државава. Очигледно некој носи лични или нарачани одлуки кои несомнено му штетат на угледот на ТДМ, а и на самиот актерски колектив кој вложил огромен труд во подготовка и реализација на овие претстави. Очигледно некој се обидува да влијае и да го разедини актерскиот колектив кој е сплотен и многу добро разбира кога одредени субјекти сакаат немилосрдно да ја деградираат неговата работа. За крај повторуваме дека се обидовме во неколку наврати проблемот да го решиме со интерни состаноци и дописи, но нашите барања беа игнорирани и без конкретно објаснување отфрлени од сите релевантни структури во институцијата.

Поради овој некоректен и потценувачки однос се одлучивме да се обратиме до вас – медиумите. Нашата цел е јавноста да биде запознаена со самоволието на луѓето кои наместо да управуваат со „Театарот за деца и младинци“ и да ја унапредат неговата програма, се обидуваат да уништат веќе постоечки програмски постулати. Театарот е, а и во иднина ќе биде, место кое освестува, критикува и едуцира.

Бојан Кирковски
Ненад Митевски
Емра Куртишова
Мики Анчевски
Мартин Јорданоски
Наташа Петровиќ
Владимир Лазовски
Драган Довлев
Симона Спировска
Катерина Илиевска- Силјановска