(ФОТО) Штипјани му порачаа на Захариев да не го чепка паркот „8-ми номеври“!

0
340

IMG_4612-670x320

Граѓаните на Штип денеска одржаа симболичен протест против планот да се изградат две згради во паркот „8-ми ноември“ и на тој начин да се уништи најпосетеното зелено катче во градот. Во тек е огласот за продажба на втората парцела од зелената површина која граѓаните секојдневно ја користат за да прошетаат, а нивните деца и внучиња да си поиграат. Доколку се дозволи изградба на двата планирани објекти од комерцијален тип, граѓаните ќе мора да се збогуваат од најпрометниот парк и единствениот од рамен тип во Штип.

Тие се збунети од овие планови на Општината и им изгледа нелогично да се уништи јавниот простор во кој секој ден е раздвижно со луѓе и деца. Вториот парк во Штип. „Бриони“ се наоѓа на брдо и е помалку употребуван. Штипјани денеска му порачаат на градоначалникот, Илчо Захариев, дека паркот не го даваат подигајќи во раката картички со пораката „НЕ!“.

IMG_4646

Узурпацијата на паркот е предвидена со Детален урбанистички план донесен во 1990-та година, па дел од граѓаните не ни свесни за овие намери. Во овие 25 години ДУП-от ниту еднаш не поминал на ревизија, а продажбата на парцелите е ставена на јавен оглас без да се консултираат граѓаните, или било како да се информираат.

-Урбанизмот треба да се менува, барем на секој пет до десет години да се ревидира, а они сакаат да реализираат нешто испланирно пред дваесет години. Тогаш условите биле други. Должни се да направат ревизија и да ја изнесат на јавна расправа. Не сакаме ова да се менува, сакаме да остане вакво какво што е. Планот е донесен во 90-тите, пред да постои овој парк. Просторов во тоа време беше змијарник, а сега е уреден како што на нас ни треба. Затоа се противиме на релизација на ДУП-от кој што е донесен во тоа далечно време. Урбанизмот треба да се менува согласно потребите на граѓаните. Нас не ни требаат објекти, ни треба зеленило, стази, игралишта за 2-3.000 деца кои живеат тука. Со изградбата ќе се загади населбата, ќе се зголеми сообраќајот, ќе се изградат паркиралишта наместо тревниците. Ќе ни го сменат целосно начинот на живот – вели Фаик Јамаковски, жител на населбата „8-ми октомври“ и пензиониран градежник.

IMG_4605

Тој и неговите сограѓани бараат да се стопира реализација на ДУП-от, планот да се измени и да се дополни, како и да се одржи јавна расправа на која граѓаните ќе го кажат своето мислење.

Правниците од иницијативата „За спас на паркот „8-ми ноември“ која го организира протестот, сметаат дека има прекршувања на законските процедури при продажбата на земјиштето. Помалата парцела е веќе продадена. При објавувањето на огласот нејзината површина изнесувала 395 метри квадратни, а некаде во процесот се зголемила на 895 метри квадратни. Втората парцела е со големина на 1227 метри квадратни. Во тек е јавниот оглас за продажба, а лицитацијата треба да се одржи овој четврток.

Освен што површината на помалата парцела била сомнително зголемена, сменета е и нејзината намена. Од Центар на месната заедница, како што е испланирано во 90-тите, парцелата одеднаш добива намена „деловен објект.“ Земјиштето е веќе продадено на фирмата за конфекција „Вабо“, а на него треба да се издигне објект со два ката. Граѓаните велат дека немаат ништо против локалната фирма, туку се против одлуките кои Општината ги носи без нивно знаење.

IMG_4612

-Власта мора да ги почитува граѓаните пред нешто да преземе. Овде имаме флагрантна повреда на намената на земјишето, која мора да има правна разрешница. Имаме незаконска одлука за продажба – вели Гоце Коцевски од „Млади правници“ кој најавува иницијатива пред Уставен суд.

Без разлика како ќе одлучи судот и без разлика дали се законите испочитувани или не, велат од иницијативата, зградите не смеат да се подигнат и паркот мора да се зачува затоа што, додаваат, на крајот од денот битно е она што ќе го кажат граѓаните.

 

Како што велат активистите, со денешниот протест иницијативата ги најавува активностите што ќе следат доколку Општината не се откаже од намерата паркот да го претвори во згради. Денешниот протест се одржа на денот на ослободувањето на Штип од фашистичкиот окупатор.