Спасувај се кој може!

0
222

На година дена од првата „бомба“ на СДСМ, дојде време за процесуирање на обвиненија. Тоа е. Груевски и Мијалков не ни сонуваа дека вакво нешто е можно, а тие и Марко Зврлевски да се прашуваа, Заев веќе ќе ја отслужуваше првата година затвор за бизарните обвинувања од „Пуч“. Пред дванаесет месеци беше првокласен политички радикализам да зборуваш за тоа дека ќе дојде ден кога Фамилијата ќе треба да се апси; денеска тој разговор е бајата прогноза за распоредот по кој членовите на Фамилијата ќе бидат упатувани во Шутка. Што ти е една година во политиката.

saso-ordanovski-540x329

Настаните, значи, тргнаа во поинаква насока од очекувањата на владејачката олигархија. Власта, објективно, е извадена и од такт и од памет. (Сител е изваден само од такт.) Обвиненијата се тешки и за најголем дел од учесниците во овие криминали ќе следува притвор, па потоа и за јавноста и за нив ќе следуваат драматични судски постапки. Некои осомничени, превентивно, се видени по хотели и други објекти во странство. За други се шпекулира дека се тепаат по кафеани. Многубројни се и оние што не знаат на која страна да се свртат. Проблемот е во тоа што веќе не знаат кому да му веруваат, кој службеник прифатил да сведочи, а ги лаже дека не прифатил; кој функционер веќе се испазарил, а кој мисли да се подметне под тркалото на историјата за доброто на Партијата и Фамилијата. Татковината е таа што „дебело“ го плаќаше трошокот за нивното соучесништво во најголемиот проект за грабеж на државата од Крушевската Република до денес, но разни членови на големата организирана криминална група чувствуваат дека се ближи денот за правење завршна сметка – и си викаат вака: „Море, Мијалков, Мијалков, та преку Мијалков!“… Статусот „заштитен сведок“ на многумина од нив денеска им делува како да добиле седмица на лотарија!

ТРАГАТА НА ПАРИТЕ

Кому не му е јасно како ќе изгледа распадот на целата приказна на Фамилијата, кога луѓето ќе проговорат, може да го консултира записникот од првото рочиште од судењето за кумановското „Диво насеље“: егзекуции по апсења; инспиратори и поттикнувачи што досегаат до нашите тајни служби; прелажани битанги кои, вооружени до заби, себе не се доживуваат како терористи, туку како жртви на политичка местенка; неинформирани специјалци пратени на решетање… Едно ќе биде судењето таму, а друго истрагата во МВР, која ќе треба да ги утврди причините за ова невидено параполитичко и безбедносно фијаско. Да, ќе биде непријатно за слушање и за гледање, но тоа е секогаш така кога, оние што треба да ги штитат интересите на државата – „Државата пред сé!“, што би рекол Хорхе – се фатени на дело како токму државата ја претвориле во наштелувана џек-пот машина директно поврзана со држаниот сеф, која ја молзеле додека апаратот, од „замор на материјалот“, не се распадна пред наши очи.

„Ама, знаеш – ми велат – за Ставрески изгледа дека ќе нема ни една кривична пријава кај Катица во оваа фаза“… Можеби. А можеби и не. Зависи по кои ноти се согласил да „пее“ и за кога е планирано да ја изведе својата музичка точка. Бидејќи, да нема забуна, „државниот сеф“, односно Министерството за финансии, е чуварот на сите тајни на Фамилијата за катастрофата што нè снајде со „лудациве“. Ми се чини бесмислено да се занимаваме само со Миле или со Гордана, а не и со „нафтоводот“ низ кој истекоа милијарди во приватни џебови. Се разбира дека сметководителот е најважен, како во секоја пристојна мафијашка приказна. Низ истите „цевки“ низ кои течело по приватни сметки – на пример, ми раскажуваат детали за македонски инвестиции со валкани пари во Бугарија што надминуваат 100-150 милиони евра; или за тоа дека, неодамна, за да ја скријат трагата, десетици милиони евра се префрлани од швајцарски, во банките во Луксембург; итн. – значи, тие „цевки“ примаат проток и во обратен правец, назад во Буџетот од каде што се искрадени парите. Колку што е важно да се подели правдата според заслугите, не помалку е важно и да се врати украденото.

ВО ЖИВО ИЛИ НЕ?

Делењето на правдата треба да биде јавен чин. Тоа значи уште отсега да расчистиме дали и кој ќе има право да прави директен телевизиски и интернет пренос од судењата по обвинувањата на Специјалното јавно обвинителство.
Искуствата во светот од директните судски преноси се проблематични. Многумина велат дека истерувањето на правдата во суд знае да биде долго, заморно, неинтересно и претворено во технички процес во кој судиите, обвинителите и адвокатите на одбраната знаат да „тегават“ на начин да ти се одмили правдата. По извесно време, се губи интересот кај публиката, а целата работа може да доведе и до обратен ефект, во јавноста да се создаде впечаток дека и судењата се дел од еден „матен“ процес во кој се правени и самите криминали.

Сепак, голем е бројот и на оние што тврдат дека со самиот чин на транспарентноста во судењето на вакви, во суштина, антидржавни дела, се засилуваат многу аспекти од демократијата. Тие судски процеси, од една страна, служат како поука за сегашните и идните функционери дека криминалот не се исплати; од друга страна, јавноста добива можност да слушне детали и докази за сторените дела што излегуваат вон рамките на вообичаените медиумски и чаршиски шпекулации и интерпретации.
Да, има во тоа и компонента на сеир. Но, после стотици луѓе прошетани пред камерите на власта во изминатите десет години кои, уште неосудени, на влезните скали од судовите од таквите како Сител и Канал 5 телевизиски се третираа како докажани криминалци, треба да се има предвид и потребата за „духовна компензација“ во јавноста која користи и како „испуштен вентил“ пред притисокот и за поинаков вид од делењето на правдата од онаа во судовите. На колку луѓе во изминатите десет години им пресуди Гордана Јанкулоска на своите прес-конференции, уште пред да бидат формирани обвинителните акти? Се знае ли бројката во колку домови упаѓаа полициските специјалци во антитерористички „аутфит“ за спектакуларно да апсат осомничени за криминал од 500-1.000 евра? Судии од Прекршочно се прикажуваа како ги носат во блиндирани џипови со лисици на рацете – како треба да изгледа приведувањето на судии од Кривичниот суд? Ако снимките на легнатиот Љубе Бошковски при апсењето на еден скопски паркинг се дел од нашата национална меморија, зошто да биде поинаку со Мијалков или со Груевски, на пример? Ќе го потпрат ли Миле со раширени раце и нозе на некој автомобил на приодите на Скопскиот аеродром кога ќе ни го испорачуваат од странство?

НОГАВИЦИ НА ГОТОВС!

Конечно, треба ли пискавите гласчиња на новинарите од Сител, кои сега хистерично инсистираат на „пресумпција на невиност“, да ги потсетуваме за нивната злосторничка улога во македонската јавност кога во главните вести на оваа телевизија секоја вечер се делеше неправда меѓу две турски серии? Треба, треба. А и други знамиња, не само турски, ќе им качат по џиповите.
Делумно и во пресрет на овие мои дилеми, Специјалното јавно обвинителство на својата прва важна прес-конференција, со помош на оние две згодни обвинителки што застанаа покрај Катица Јанева – каква промена после Марко Зврлевски, човече! – решија и на своите колеги од правосудната фела и на целата јавност да ѝ одржат една важна, кај нас одамна заборавена лекција: обвинетите не се и осудени, иако се осомничени за многу тешки кривични дела од областа на правото и демократијата.
Добар почеток за една институција што сака да ја врати довербата на јавноста дека во Македонија има професионалци и во државната управа. Во теорија, секој обвинет би посакал таков обвинител. Во практика, на власта, реално, ѝ тече низ ногавица.

Сашо Ордановски

Објавено во „Слободен печат“