Спасовски: Сите патишта од аферата со личните карти водат кон високи функционери во Владата на Груевски

0
137

Ви пренесуваме дел од интервјуто со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за порталот РеволуционерМК:

РеволуционерМк: Господине Спасовски, што се смени во функционирањето на МВР после Вашето доаѓање на челното место?  

Спасовски: Заедно со професионалците во МВР го деинсталирам „МВРО“ на Груевски, Мијалков и Јанкулоска што им нанесе сериозни штети и повреди на граѓаните на Македонија. Создавам услови за професионална работа на Министерството за внатрешни работи и полицијата во интерес на граѓаните, а не во интерес на власта. Првите резултати ги постигнавме, професионалците соработуваат, злупотребите излегуваат на виделина. Таков е случајот со печатење и издавање лични карти на луѓе кои немале законско право за тоа. Многу сум задоволен што во Министертството има совесни луѓе кои ја прифатија подадената рака. Заедно ја тргаме полицијата од рацете на нечесната власт и ја враќаме на народот. Тоа е незапирлив процес.

РеволуционерМк: Со оглед на тоа што Министерството кое го раководите е една од најпартизираните институции во државата, јавноста очекуваше дека промените на раководните структури во Секторите за внатрешни работи ќе одат многу побрзо. Зошто доцнат промените?  

Спасовски: Дадов шанса на луѓето кои работеле под закани, уцени, притисоци да ја покажат својата професионалност, за којашто немале шанса во „МВРО“ на Груевски и Јанкулоска. И не згрeшив. Многумина едвај чекале да се постават работите во МВР на професионална основа. Да потсетам, благодарение на дел од тие луѓе имаме конкретни докази дека службите во „МВРО“ по налог издавале и печателе лични карти на луѓе кои немаат законско право на тоа. Со незаконските лични карти овие луѓе биле внесени во Избирачкиот список и имале право да гласаат. Промени засега има на раководните места во секторите за внатрешни работи во Скопје, Охрид, Куманово, Велес и Битола. Двајца од нив беа в.д. и поставивме лица со полн мандат, со оглед на сериозноста на позицијата на којашто се наоѓаат, а тројца се сменети поради вршење политички притисоци или слаби резултати во работењето. На пример, за сменетиот командир во СВР Велес имаме признанија, изјави од вработени, дека ја злоупотребувал службената позиција и правел притисоци врз вработени да се зачленат во ВМРО-ДПМНЕ, што е недозволиво. Командирот на СВР Скопје е сменет бидејки не преземал ништо за нападите врз новинари, за негова инволвираност во упадот во универзитетскиот кампус каде што беа исечени дрвја за барокни згради на факултети. Десетина професионалци се унапредени на повисоки места во УБК. Станува збор за лица кои, независно на нивниот долг професионален стаж, стручност и позитивни резултати во МВР, во 2006 година по преземањето на власта од страна на Груевски биле деградирани од 6 до 10 скалила подолу. Образложенијата на „МВРО“ за смените на овие луѓе биле оспорени со правосилни судски пресуди, но тие 10 години досега работеле под постојани психолошки закани и малтретирање, само затоа што не се вклопувале во политичко-коруптивниот систем на власта на Груевски. Со нивното враќање каде што им е местото, според нивната професионалност, исправена е големата неправда што им ја има направено „МВРО“. Така што, не би се согласил дека промените доцнат. Внимателен сум бидејќи немам намера да работам како Јанкулоска и Мијалков. Секој кој во МВР ја сфаќа одговорноста на неговата работа, си ја сака државата и сака да работи во интерес на граѓаните ја има шансата за тоа. Ако некој мисли дека може се уште да функционира во „МВРО“ се лаже. „МВРО“ на Мијалков и Јанкулоска заврши.

РеволуционерМк: Вашиот став како прв човек на Министерството е дека истрагата за аферата со фалсификуваните лични карти треба да се води темелно и квалитетно, за разлика од премиерот Груевски кој се залага за нејзино брзо решавање. Постои ли некоја причина поради која на Груевски му се брза?

Спасовски: Да, истрагата ја водам темелно и сите злоупотреби со незаконски печатени и издавани лични карти и фалсификати ќе излезат на површина. Веќе излегуваат. Ја известив јавноста дека за околу 450 лица, проверени по случаен избор, веќе имаме докази дека добиле лични карти без да имаат решение за живеалиште, што е клучно при издавање на ваков документ. Имам признанија од вработени во МВР дека на незаконски начин издавале лични карти по налог на нивни претпоставени. Имаме докази дека овие лица, чии имиња се наоѓаат во Избирачкиот список а кои се од Пустец, регистрирани се по 20 – 30 на една иста адреса. Кога, исто така, по случаен избор проверив на чие име се водат становите во коишто се регистрирани, се покажа дека овие луѓе биле сместени во станови во државна сопственост. Тоа значи дека се шири скандалот со незаконско издавање лични карти на лица кои се внесувани во Избирачкиот список со право да гласаат. Постојат сериозни индиции дека во скандалот се инволвирани високи функционери во „МВРО“, но и од други државни институции. Тоа е таа партизираност на државниот систем за којашто со право се сомневавме, за која што слушнаа граѓаните во проектот „Вистината за Македонија“, и еве сега, каде и да чепнеме со истрагата, се потврдува. Имаме докази дека по 20-тина лица се регистрирани на адреси на функционери од власта на Груевски, раководители на центри, директори на гимназии, во Ресен и во Кичево. Сите овие податоци одат кај Обвинителството. Од МВР ќе следат соодветни постапки кон лицата во Министерството за внатрешни работи и во другите институции кои ја злоупотребиле својата службена положба против интересите на граѓаните на Македонија. Од сето ова граѓаните сами можат да заклучат зошто на власта на Груевски и се брзаше да ја затвори аферата со незаконски и фалсификат лични карти, зошто прават конструкции со помош на медиумската пропаганда. Влеговме во трага на веројатен изборен криминал и тоа во повеќе изборни циклуси. Налогодавачите, извршителите, но и соработниците, поранешни, сегашни, ќе мора да се соочат со одговорноста.

РеволуционерМк: Аферата со тајната фабрика за изработка на личните карти ВМРО-ДПМНЕ ја искористи да премине во офанзива и да Ве обвини Вас и претседателот на Вашата партија за директна инволвираност во скандалот. Знаат ли Груевски и екипата околу него нешто што ги мотивира да бидат толку агресивни по ова прашање? Можно ли е да „истекуваат“ доверливи информации од МВР кон ВМРО-ДПМНЕ?

Спасовски: Власта на Груевски знае што правела. Тоа е причината за нивнииот немир, лагите и манипулациите во медиумите под нивна контрола. Јас ве уверувам дека сите професионалци во МВР работат на расчистување на овој невиден скандал, зад кој што сите патишта водат кон високи функционери, поранешни и актуелни, од власта на Никола Груевски.

Целото интервју на следниот линк ОВДЕ.