ССНМ и ЗНМ: СДСМ да ни го достави предлог-законот за медиуми, да видиме за што се залага

0
304

„Според информациите од медиумите, се стекнува впечаток дека СДСМ бара санкционирање на новинари и на медиуми за непочитување професионални стандарди. Затоа бараме оваа пртија да ни го достави својот предлог-закон, а во спротивно тоа ќе го побараме од ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Тамара Чаусидис, претседателка на Самостојниот синдикат на новинари и на медиумски работници на денешната прес-конференција пред Клуб на пратеници, пренесува „Мета“.

– ССНМ и ЗНМ конечно бараат да престане оваа рашомонијада околу преговорите за медиумите. Време е да се каже јасно и гласно кој за што се залага. Ние цврсто го поддржуваме секој предлог во насока на департизација на регулаторот и на јавниот сервис и на почитување на општите стандарди во новинарството и на етиката во професијата – изјави Чаусидис.

Претседателот на Здружението на новинари, Насер Селмани, силно ја осуди хајката и црната кампања во медиумите против европскиот посредник Питер Ванхауте во врска со последните предлози на СДСМ за медиумските реформи.

– Ваквото неодговорно однесување на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ не помага да се најде квалитетно решение за медиумските реформи. Со лаги и со подметнувања двете партии не можат да ја сокријат нивната одбивност кон вистинските реформи во медиумите. Одлучно сме против идејата на СДСМ новинарската етика да се регулира со закон. Да се казнуваат медиуми со глоби за прекршување на новинарската етика е недемократска практика – изјави Селмани.

Денеска нема да има средба на работните групи за реформите во медиумите. Белгискиот посредник Питер Ванхауте ќе одржи билатерални средби со политичките партии.

Извор: Мета