Рилкоски: Сомнежот на Заев е оправдан, требаше да се прифати ветото на Наумов, ДИК во моментов нема мандат

0
273

Сомнежите на Заев дека дел од парите со новото задолжување власта можеби ќе ги искористи за изборно манипулирање се оправдани, вели за Нова ТВ претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Никола Рилкоски, кој посочува дека неговата функција, како и функцијата на целиот состав на ДИК треба да биде техничка до изгласување на новиот состав.

Вчера ДИК не го прифати ветото од дополнителниот заменик министер Наумов, за задолжување на Владата кај домашните банки за 100 милиони евра, поради што денеска ќе има аукција на државни записи.

– Државната изборна комисија својот мандат го заврши на 8 ноември така што до формирањето на новиот состав нашата улога е само техничка и ние не треба да се занимаваме со фундаментални прашања. Вчера дојде такво прашање, меѓутоа аргументите не држеа, бројките покажуваа дека средствата потребни за покривање на платите и пензиите итн. се покриени со тие 270 милиони евра и за тоа самиот министер истакна дека е задоволен. По неколку дена излезе дека се потребни дополнителни 100 милиони евра. Ако сето ова математички се пресмета, излегува дека сомнежот на Заев е оправдан. Јас бев за тоа, кога веќе сме доведени во ситуација да гласаме, да се прифати ветото на дополнителниот заменик министер за финансии Наумов, но мнозинството беше против тоа вето. За тоа зошто така гласаа другите колеги немам коментар – вели Рилкоски за Нова.