Протест „Ноќ на лицето на режимот“ утревечер пред Влада

0
238

Утре, во 21 часот, граѓанската платформа „Ајде“ организира протест пред Владата, „Ноќ на лицето на режимот“. Протестот е одбележување на празникот познат како Ноќ на вештерките, но во македонски контекст.

– Настанот го нарековме „Ноќ на лицето на режимот“ затоа што е време да го покажеме режимот во неговата вистинска форма, а со тоа да им дадеме можност на нашите сограѓани да му ја симнат маската за сите наводни успеси, вработувања, победи и прослави. Размислете кое, според вас, е лицето на режимот. Тоа може да биде личност како носител, односно носителка на јавна функција или, пак, случка која останала врежана во вашето сеќавање како вечен потсетник на владеењето на „МВРО“ и „Дуинг бизнис“. Потоа, размислете како да го ставите во контекст на празникот и дојдете пред Влада со вашето лице на режимот – пишува во поканата за настанот.

Организаторите велат дека симбол на режимот може да бидат и сиромаштијата, обесправените и затворените.

– Не заборавајте дека Ноќта на вештерките во својата основа како празник воопшто не ги вклучува вештерките. Тоа е ноќ кога живите со страшни маски ги бркаат злите духови, а слават добрите луѓе чија смрт настанала поради нанесеното зло. Имајќи ги предвид жртвите на режимот, а тоа се сите наши сограѓани и сограѓанки, изборот на лицето на режимот ќе ви биде лесен. Размислете што вам ви значи овој режим и со помош на вашата фантазија, на идеите и на бројот на маските ќе им нема крај – пишува во настанот.