Први информации за Microsoft Lumia 650 – ново име, стар телефон?

0
207

Microsoft имаше навистина одлична година – Windows 10 се покажа како исклучително успешен оперативен систем, односно сервис, а Surface серијата стана скоро популарна како iPad на Apple. Сепак, во Lumia дивизијата работите не беа толку розови и ако може да се верува на протечените информации за Lumia 650, ќе останат такви и во догледно време.

На Microsoft очајно му треба придвижување во Windows 10 Mobile сферата, доколку сака да го задржи моментумот кој го започнаа Surface таблетите. Lumia 650, барем на првите фотографии, секако дека не изгледа така. Секако, не велам дека се работи за лош телефон, но премногу потсетува на 640-ката (на сликата е рендер од телефонот, за кој се очекува дека е идентичен на оригиналот), со стандардниот дизајн со пластичен поклопец во задниот дел, на кој не му е место во 2015-2016 година. И уште полошо, Microsoft очигледно реши да не нуди обоени телефони веќе во својата понуда, што ситуацијата ја прави уште потажна.

Според протечените информации, спецификациите ќе бидат како и кај другите модели од средната класа во моментов – Snapdragon 410 процесор, 1 GB рам меморија и 8 GB простор за складирање податоци. Дисплејот повторно ќе има големина од 5 инчи и HD резолуција, што значи дека би можел да биде истиот како во Lumia 640. 650-ката сепак би можела да доаѓа со стерео звучници, вградени во предниот дел, но тоа не е потврдена информација. Нема ниту информации за камерите, но не верувам дека и тука ќе има некои големи промени.

Единствената разлика во однос на 640-ката ќе биде тоа што Lumia 650 ќе има вграден Windows 10 Mobile уште во старт, додека корисниците на актуелниот модел ќе мора да почекаат надградба. Што во превод значи дека за сите кои сакаат евтин телефон со Windows 10 Mobile, тоа можат да го добијат уште сега со Lumia 640 – нема некоја вистинска причина да мора да чекате за новиот модел.

Ваквата ситуација во Lumia дивизијата најверојатно е „статус кво“ пред лансирањето на првиот Surface телефон, на кој работи целосно различен тим во Microsoft и кој треба да донесе смартфон кој публиката вистински ќе го посакува, исто како што е случајот и со Surface Book и Surface Pro 4.

Извор: GSMArena, Windows Central, Tech Spot