Порака од Питер Ванхојт

0
137

Белгискиот експерт Питер Ванхојт на Твитер вечерва упати уште една порака илустрирана со неговите мачки: „Се работи за ефективни преговори! Се предавам: нема избори на 24 април“. Со ова тој индиректно го најави ставот на меѓународната заедница во однос на процената за кредибилни избори на 24 април.

mkd-244411

Требаше завчера, се одложи за вчера, па на барање на политичките партии исчекувањето за оцената на меѓународната заедница за тоа дали се исполнети условите за фер и демократски избори ќе биде денес.

Вчера странски дипломати брифираа дека на барање на партиските лидери се одложува за уште еден ден објавувањето на писмото на ЕУ и на САД за подготовката на изборите. Неколку медиуми вчера објавија дека од партиски извори не добиле потврда за ваквото барање.

Се претпоставува дека одлагањето сепак го побарале амбасадорите за да имаат време за уште неколку билатерални средби со политичките лидери и денеска во пакет да ја кажат оцената дека изборите треба да се одложат и дека новиот договорен датум е, можеби 5 јуни. Оваа измена на датумот, всушност значи и измена на договорот од Пржино, па најверојатно се бара консензус и за начинот за политичка и правна промена на договорот – со анекс, нов договор, што со условот за оставка на премиерот 100 дена пред одржувањето на изборите…

Од СДСМ, пак, велат дека сега не треба да се лицитира со конкретен датум, туку тие бараат да се оди на избори тогаш кога ќе бидат исполнети условите. За ВМРО-ДПМНЕ нема зошто да се отвора прашањето за нов датум за одржување на изборите. И ДУИ беше на таа позиција сѐ до средбата во петокот на Али Ахмети со американскиот амбасадор Џес Бејли. Три часа по влегувањето во амбасадата на САД во Скопје, Ахмети даде изјава во која кажа дека сите работи треба консензуално да се договорат и за првпат заборави да каже дека ДУИ инсистира изборите да се одржат на 24 април.

Собранието на Република Македонија веќе ја донесе одлуката за самораспуштање на 24 февруари, во вторник на полноќ, 60 дена пред законски утврдениот рок на 24 април според договорот од Пржино. Ова евентуално одлагање на изборите подразбира дека утре и задутре пратениците ќе треба забрзано да донесат неколку решенија и измени во законите.

Освен тоа, останува обврската за исполнување на обврските од договорот од Пржино – реформи во медиумите, прочистување на избирачкиот список и одвојување на државата од партијата.