Пиштолот на Мијалков заглави во „ненадлежности“ и празна демагогија

0
546

Од Јавното обвинителство во одговор за проталот  „Мета“ се прогласиле за ненадлежни за случајот околу приведувањето и откривањето на пиштолот на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, на белградскиот аеродром „Никола Тесла“.

Оттаму упатуваат на „органите на државата на чија територија е сторено кривичното дело“.

Пред речиси еден месец, Мијалков беше приведен откако му беше пронајден пиштол во куфер, со кој неколку часа претходно се „прошетал“ низ безбедносниот протокол на аеродромот во Скопје.

– Досега Основното јавно обвинителство Скопје од надлежни органи од Република Србија нема добиено известување за настанот за кој прашувате. Во согласност со законските прописи, кога кривично дело е сторено на територија на друга држава, надлежноста за евентуално поведување постапка ја имаат органите на таа држава – ни одговорија денеска од Обвинителството на прашањата: Што презема во врска со случајот? Дали има отворено постапка, односно дали е поведена истрага за случајот, по допрен глас? Дали е извршен разговор со Сашо Мијалков во врска со настанот? Дали Обвинителството побарало информација од српските власти за случајот? – пишува Мета.

Од концесионерот на скопскиот аеродром „Александар Велики“, компанијата ТАВ, која најави внатрешна истрага за тоа како Мијалков успеал да ги помине аеродромските контроли со пиштолот во патната торба, „до „Мета“ испратија кратка изјава во која велат дека „ги презеле сите неопходни мерки за да не се повтори ваков настан“.

– Ги презедовме сите неопходни мерки на претпазливост за да се избегне повторување на ваков настан и соработуваме со сите надлежни институции во сите области – одговориле од ТАВ за „Мета“ на прашањето дали е завршена внатрешната истрага што ТАВ ја најави во врска со случајот, дали е утврдена одговорност за направениот безбедносен пропуст и дали патната торба на Мијалков, во која бил пиштолот, поминала на скенер на скопскиот аеродром „Александар Велики“?

Од Министерството за внатрешни работи не одговориле на прашањата: Дали работат на расчистување на случајот?  Дали МВР ќе поднесе кривична пријава против Сашо Мијалков? Дали Мијалков бил повикан во МВР на информативен разговор во врска со случајот? Дали се извршени разговори со вработени и со претставници на менаџментот на ТАВ?

Инаку, според законската регулатива, за вакво дело предвидени се парични и затворски казни.

Во ставот 1 од членот 402 од Кривичниот закон стои дека „тој што без пропишана дозвола ќе ја премине или ќе се обиде да ја премине границата на Република Македонија, вооружен или со употреба на насилство, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година“.

Според членот 81 од Законот за оружје, казната за физичко лице ако не го пријави оружјето при преминување на државната граница, изнесува од 500 до 1.000 евра.

„Забрането е носење и употреба на оружје на јавно место, освен за работниците кои вршат работи на обезбедување лица и имот во државните органи и правните лица, во согласност  со прописите за обезбедување лица и имот. Под јавно место, во смисла на овој закон, се смета место на кое слободен пристап имаат неопределен број лица без какви и да било услови (улица, плоштади, патишта, излетнички места, пристаништа, аеродроми, железнички станици, автобуски станици, чекални…“, стои во Законот за оружје.