Партиите предложија кандидати за членови на ДИК

0
270

Најголемите парламентарни политички партии до претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата Зоран Илиоски денеска ги доставиле предлозите за членови на Државната изборна комисија (ДИК).

Виолета Дума која и сега е актуелен член на ДИК и Игор Милев се предлози на СДСМ, Силана Бонева и Сашо Срцев, исто така актуелен член на ДИК се предлози на ВМРО-ДПМНЕ, Субхи Јакупи од ДУИ и Бедредин Ибраими од ДПА исто така актуелни членови на највисокото изборно тело во државата.

Според информациите од Собранието, имињата на експертите што треба да бидат членови на Комисијата се очекува да бидат познати в четврток.

На јавниот оглас што го распиша Собранието врз основа на последните измени на Изборниот законик беа пријавени 52 кандидати, 12 како претставници на политички партии и 40 кандидати како експерти, а тројца кандидати пријавени по двата основа.

Собранието на Република Македонија би можело на седницата закажана за в петок да го изгласа новиот состав на ДИК што ќе брои девет члена и тоа шестмина на предлог на политичките партии и тројца експерти. Претседателот и потпретседателот на ДИК ќе се бираат од редот на експертите.