Парите од задолжувањата за предизборна корупција

0
299

Темпото на задолжување со кое Владата ја почна годинава е страшно и укажува дека долгот ќе расте ако не се смени оваа влада и ќе не однесе во дефинитивно должничко ропство, вели дополнителен заменик министерот за финансии Кире Наумов во интервју за Радио Слободна Европа кое во целост ќе биде објавено в недела. Тој објаснува дека само во првите две недели во јануари со 28 милиони евра е направено екстра ново задолжување со кое 10 проценти од дефицитот планиран за цела година е позајмен од домашните инвеститори.

stavreski-gruevski

Наумов посочува дека е очигледно оти парите од задолжување ќе бидат искористени за предизборна корупција.

„Во сите изборни години во првите три до четири месеци се истураат парите во трансфери, плаќања кон компании и слично што покажува класична изборна корупција и во првите месеци се испумпува некаде од 60 до 70 проценти од целиот дефицит. Тоа покажува дека ваквото задолжување има за единствена цел, а тоа е како да влијаат врз изборите“, вели Наумов.

Според календарот за аукции на државни хартии од вредност за првите шест месеци од годинава, само во предизборните месеци март и април се закажани девет аукции, а може да се забележи дека дел од нив не се проследени со раздолжувања. Во предизборните месеци се закажани аукции за скоро сите вторници, особено во март кога има 5 аукции.

Наумов вели дека доказите за изборна корупција не може да се бараат во министерството за финансии затоа што негова надлежност е да го направи трансферот по налозите од другите министерства.

„Кога ќе кажеме изборна корупција тоа не значи дека во министерството за финансии ќе најдете документ со кој се кажува дека на тие и тие гласачи сте им платиле за нешто. Но самиот факт дека пред избори ги одложувате своите плаќања, и потоа им кажувате отворено на компаниите и оние кои треба да ги добијат своите трансфери од средства по било кој основ дека исплатите треба да ги добијат своите трансфери од средства им кажувате дека исплатите ќе следуваат во февруари, март, април точно пред изборниот период , тоа е де факто корумпирање на гласачкото тело“, вели Наумов.