На Бате Саше уште му се цица од јавни пари: Оглас за обезбедувачи во Битола само за СГС и за Никоб?

0
270

Јавното претпријатие „Нискоградба“ од Битола објави оглас за ангажирање двајца чувари од агенција за обезбедување. Вредноста на тендерот изнесува 1,2 милиони денари или речиси 20.000 евра, пренесува „Мета“.

Меѓу другото, Јавното претпријатие во набавката бара фирмата што ќе обезбедува да „достави доказ дека минимум 250 вработени поседуваат службени легитимации за обезбедување издадени од Комората за обезбедување на имоти и лица на Република Македонија“.

Во Битола има три агенции за обезбедување, кои се револтирани од ваквиот дополнителен услов бидејќи ова барање може да го исполнат само две агенции во државата, чии седишта се во Скопје.

niskogradba-tender

– Ваквите тендери може да ги задоволат само агенциите „Никоб“ и СГС. Ние, сите агенции да се собереме во градот, не можеме да ги исполниме условите што ги бара ова локално претпријатие кое опстојува од парите на битолчани – вели вработен во битолска агенција за обезбедување.

Тие пресметуваат дека за двајца чувари и за работата што ја бараат, од локалното претпријатие нудат солидна сума пари, односно месечно по 100.000 денари или по 50.000 денари бруто-плата по чувар.

Вообичаената нето-плата на обезбедувач во агенциите во Битола е 12.000 денари.

– Има Закон за јавни набавки, тој е дециден и нема што агенциите за ова да реагираат кај новинарите. Можат да постават прашања преку системот и ние ќе им одговориме зошто сме ги поставиле тие услови – вели Кире Крстевски, директор на „Нискоградба“.

Инаку, јавното отворање на понудите ќе се одржи на 28 јануари во 12 часот во „Нискоградба“.

Од септември 2013 година, ЈП „Нискоградба“, кое има околу 150 вработени, со одлука на седница на Совет на Општината ги зголеми цените на услугите за повеќе од 95 отсто. На истата седница на претпријатието му е одобрен кредит од повеќе од 30 милиони денари или речиси половина милион евра.

ЈП „Нискоградба“ до пред неколку години бележеше само загуби во работењето, во милионски суми, но од 2014 година претпријатието ги извршува сите локални работи поврзани со битолската канализација и прикажува добивки.

Извор: Мета