Наумов: Банките да внимаваат при купувањето обврзници, задолжувањата кои немаат согласнот ќе бидат предмет на преиспитување

0
192

Дополнителниот заменик министер за финансии Кире Наумов, по најавата за аукцијата на државни хартии од вредност, закажана за утре, ги повика клиентите на домашниот пазар на капитал да се водат од државниот интерес и од интересот на граѓаните на Македонија.

„Министерството за финансии ги објави проспектите за првата аукција на државни хартии од вредност за 2016 година. Вкупно се побаруваат 950.000.000 денари. Тоа е износ кој е еднаков на сумата која доспева за враќање на 13.01.2016 година. Како најголеми доверители, банките, пензиските друштва и осигурителните компании мораат да имаат во предвид дека сите аукции на државни хартии од вредност коишто немаат согласност од дополнителниот заменик министер за финансии, ќе бидат предмет на дополнително законско преиспитување, од аспект на нивно третирање како законски јавен долг. Од тие причини, на 22 декември 2015 година е поднесена тужба до Управниот Суд на РМ против одлуката на Државната изборна комисија, која беше донесена од состав со истечен мандат и надвор од неговите законски надлежности“, се наведува во писмената изјава на Наумов.

Тој порачува дека секое задолжување, поголемо од износот потребен за враќање на доспеани долгови по основ на државни хартии од вредност во наредните закажани аукции, ќе се третира како можност за злоупотреба на средства во предизборниот период.