Молк ги прекри преговорите – нема информации дали има напредок, ниту дали ќе се пролонгираат изборите

0
149

Нема информации дали има напредок, ниту одговор дали пробивањето на роковите од Договорот ќе влијае и врз поместување на договорениот датум за избори – 24 април 2016 година, пишува Дојче веле.

Тотален молк ги прекри меѓупартиските преговори за нереализираните обврски од Договорот од 2 јуни/15 јули. Од партиите не даваат никакви информации. Единствено се знае дека продолжуваат билатералните средби со европскиот посредник Питер Ванхауте, но нема информации дали од нив произлегол некаков напредок. Неофицијално, синоќа во Клубот на пратениците се одржала сосема кратка заедничка средба на Работната група, но потоа повторно продолжиле поединечни средби. Отворени остануваат прашањата за ингеренциите на министрите и замениците-министри во преодната влада и за комплетниот тим на Специјалното обвинителство. Поради тоа, на „стенд бај“ се ставени и измените на Изборниот законик и формирањето на Анкетната комисија за прислушуваните разговори, за кои веќе е постигнат меѓупартиски договор. Нема одговор дали пробивањето на роковите од Договорот соодветно ќе влијае и врз поместување на договорениот датум за предвремените парламентарни избори – 24 април 2016 година.

За ефективни реформи

Повеќе информации не може да се добијат ниту од партиските соопштенија.

„Посветени сме на спроведување на Договорот од 2 јуни/15 јули. Очекуваме ваква сериозност од сите страни и продолжување на реализацијата на преземените обврски во најкусо време“, рекол лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на вчерашната средба со амбасадорката на ОБСЕ во Македонија, Нина Суомалајнен, нагласувајќи дека следните избори мора да бидат фер, регуларни и со полн легитимитет.

Лидерот на СДСМ вчера имал средба и со амбасадорот на Унгарија, Јосеф Бенце.

„СДСМ е конструктивно поставена, очекуваме секоја од страните да се потруди најмногу што може и договореното во најкусо време да се спроведе“, потенцирал Заев на средбата.

Како што соопшти СДСМ, на средбата „заеднички било констатирано дека е опасно Македонија да ја изгуби препораката за ЕУ, посебно што станува збор за мала држава, со кревка и нестабилна економија, мултиетничка држава којашто сега е соочена и со светската бегалска криза“. Амбасадорот Бенце изразил очекување за брзи и ефективни реформи и во критичните области што ги посочи и експертската група на Рајнхард Прибе: професионална администрација, независно судство, слободни медиуми и реализација на Охридскиот договор.

Под лупа Охридскиот договор

Во однос на Охридскиот договор, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и СДСМ го почнале процесот на анализа на неговото досегашното спроведување во неколку сфери: правична застапеност, употреба на јазикот, децентрализација, недискриминација, образование и прашањата за малцинските заедници. Целосната анализа треба да се објави кон крајот на ноември.
„Групите ја продолжуваат работата со поддршка на ОБСЕ и на Европскиот институт за мир. Ќе излеземе со сите резултати. Секоја работна група ќе има по еден ден за нејзиниот дел, а само за една од најважните теми, онаа за децентрализацијата, ќе се разгледува два дена“, изјави за ТВ „Алсат-М“ државниот секретар во Секретаријатот за спроведување на Охридскиот договор, Ејуп Алими.

ДПА ги бојкотира работните групи, со став дека анализата требало да се направи во рамки на политичката Работна група, под посредништво на Питер Ванхауте.

„Не сакам да бидам дел од разговори, во кои тие што се одговорни за неспроведувањето на Охридскиот договор, 14 години по неговото потпишување се занимаваат со анализи и заклучоци. Не сакаме да се занимаваме со констатации, туку сакаме да се постигне квалитетно решение за правата на Албанците и меѓуетничките односи, кои ќе се дискутираат во рамките на работните групи предводени од олеснувачот Ванхауте“, е ставот на Беким Фазлиу од ДПА.

Во зависност од заклучокот на анализата, Владата во декември треба да усвои акциски план за прашањата кај кои е констатиран застој во спроведувањето на Охридскиот договор.

„Процесот на анализа ќе се фокусира на евентуални препораки. Улогата на работната група ќе биде да ги спроведе тие препораки на ефикасен начин“, изјави Ванхауте за „Алсат-М“.

Објект за обвинителството

И додека преговорите за повеќе обврски се уште се во тек, а специјалната обвинителка и натаму чека да биде комплетиран нејзиниот тим, конечно е обезбеден простор во кој ќе функционира новата институција. Специјалното обвинителство ќе биде сместено во објектот во кој досега работела Агенцијата за млади и спорт. Освен тимот на Катица Јанева, во него нема да има други потстанари. Информацијата ја потврди Министерство за правда, кое спроведе постапка за прибирање понуди за закуп на деловен простор: „По спроведената постапка, се изврши избор и се склучи договор за закуп на деловен простор лоциран на ‘Франклин Рузвелт’ број 34 во Скопје“.

На специјалната обвинителка деновиве и беше одобрен и буџетот што го побара за истрага околу разговорите што произлегуваат од следењето на комуникациите.