Медиумите – нова жешка задача пред работните групи

0
305

Медиумите ќе бидат новата жешка тема која од утре ќе се најде пред работните групи. Конкретни предлог чекори за да се отргне влијанието врз медиумите и реформа на МРТВ ќе бидат во фокусот на групите кои работат на спроведувањето на договорот од Пржино во кој е нагласено дека е неопходна реформа и поголема слобода на медиумите.

По вчерашните меѓупартиски за тоа кој ја задушил слободата на медиумите, денеска молк. Кој што ќе стави на маса, од партиите не сакаат да откријат се дури не седнат на заедничка маса.

Извори од СДСМ за 24 Вести велат дека имаат конкретни предлози но пред да ги изнесат ќе почекаат да ги видат позициите и на другите страни. И од останатите партии денеска се воздржуваат од коментар.

Само еден состанок беше посветен на оваа тема кој повеќе беше насочен кон запознавање на сите заинтересирани актери меѓу кои самите медиуми, новинарските здруженија, граѓански организации, домашни и странски консултанти.

Од МИМ очекуваат од утре да се дискутира за најжешките прашања како финансирањето на медиумите и јавниот радиодифузен сервис.

Од МИМ предлагаат и да се смени моделот на субвенционирање на домашни документарни и филмски програми тврдејќи дека со досегашниот модел отворен е простор за корумпирање на медиумите.

И новинарските здруженија го очекуваат стартот на разговорите во Клубот на пратеници. На првиот состанок ЗНМ интервенираше да прекине насилството врз новинарите, да се забрани политичкото рекламирање, 1 отсто од државниот буџет да се одвои за Јавниот сервис и да се обезбеди целосна независност на Агенцијата за медиуми.

Но со другото новинарско здружение МАН  ги судрија ставовите околу одговорноста за клевета и навреда. Додека ЗНМ бараше да прекине праксата на поднесување тужби за клевета и навреда, МАН бараше да се зголемат паричните казни за овие дела.

Извори: 24 Вести