Македонија оди кон должничко ропство

0
89

Македонија планира да го зголеми долгот за 1,6 милијарди евра во наредните три години. Според фискалната стратегија за периодот 2016-2018 година, јавниот долг во наредните три години треба да достигне 5,6 милијарди евра, односно 52,4 отсто од БДП-то. На крајот на септември минатата година, овој долг бил помалку од 4 милијарди евра, односно 44 отсто од БДП-то, пишува Радио Слободна Европа.

Дел од економистите стравуваат дека задолжувањето ќе биде уште поголемо, со оглед на тоа што владата и досега се задолжуваше повеќе од она што го планираше во стратегиите.

Поранешниот гувернер на Народната банка, Петар Гошев вели дека воопшто не им верува на бројките што ги објавуваат институциите. Тој смета дека јавниот долг и во моментов е повисок од 50 проценти од БДП-то.

„Тие со задолжувањето ќе продолжат се додека комплетно не ја доведат земјата во безизлезна ситуација. Се додека земјата не колабира комплетно, затоа што престанувањето на растот на јавниот долг значи обелоденување на реалната состојба во економијата, на реалната состојба во која што се наоѓаат јавните финансии, престанување на политиката на политичката корупција, а без политичка корупција тие како власт се изгубени. Затоа тие ќе продолжат се додека можат да земаат кредити од било каде и од кои било услови.“

Гошев вели дека оваа власт не го почитува Уставот и законите што ги носи и воопшто не очекува да ја испочитува ниту фискалната стратегија, која нема важност на закон. Ако не им одговара, ќе ја третираат како палома, како и досега, вели Гошев.