Лекарите специјализанти РАСПУКАА по Тодоров и пратениците: Размислете каков здравствен систем градите

0
322

Ви го пренесуваме Јавно обраќање до Министерот за здравство и пратениците во Собранието на РМ на лекарите специјализанти и идни специјализанти:

На јавната расправа одржана во Собранието на РМ по повод новите измени во Законот за здравствена заштита, групата на лекари специјализанти и идни специјализанти го елаборираа својот став кон дискриминирачките и нефер законски решенија за специјализирање. За жал, иако во многу прилики се покажа дека аргументите се на наша страна, веќе на 27 јануари (Среда) закажана е Пленарна седница во Собранието на РМ на чиј дневен ред е и дополнувањето на Законот за здравствена заштита, со текст во кој НЕ Е ПРИФАТЕНО НИТУ ЕДНО ОД БАРАЊАТА од Петицијата потпишана и испратена од страна на 350 лекари специјализанти.

Наместо времено вработување на сите специјализанти, овој закон наложува секој приватен специјализант да работи со полно работно време од 8 часа дневно и еднаш неделно непрекинато 24 часа, да исполнува работни должности и работни задачи од работно место и да биде казнуван за повреда на работна дициплина, а при тоа да не добива НИТУ ДЕНАР ПЛАТА, да нема ниту пензиско, ниту здравствено осигурување, што е еднакво на робовладетелство.

Наместо фер 1:1 договори, овој закон наложува секој државен специјализант да потпише исклучително неповолен, репресивен и уценувачки договор за лојалност, според кој по завршување на специјализацијата треба да одработи до 10 години во јавното здравство или да врати и до 60 000 евра. Помеѓу 7 и 12 илјади евра е сумата за школарина која што државата ја инвестира во еден државен специјализант, а секое враќање на сума енормно поголема од она што е инвестирано е дефиниција за лихварство.

Со ова законско решение се прекршени нашите работнички права и сме дискриминирани по бројни основи! Наместо укинување на интермедиерниот испит, неговото не положување ќе биде причина за губење на специјализацијата. Специјализацијата ќе се губи и во случај на подолготрајно боледување или две патолошки бремености една по друга. Наместо укинување, останува задолжително видеоснимањето и емитувањето во живо на интернет за време на испитите со кое целосно се понижува и деградира белиот мантил.

Специјализантот не е студент, туку дипломиран и лиценциран лекар кој прв ја згрижил раната на вашето дете, тоа е лекарот кој асистирал на вашата операција за отстранување на жолчното ќесе, тоа е лекарот кој го ренимирал и рестартирал срцето на ваш близок. Соочени со вакви брутални услови за специјализирање, сè поголем број на лекари се и ќе бидат принудени да се откажат од специјализирање и  оваа состојба во здравството, наместо да ги задржи, само дополнително ќе ja поттикнува миграцијата на лекари, која и онака е глобален феномен.

Ние, специјализантите, кои го сочинуваме еден од главните столбови на здравствениот систем, доколку останеме да се едуцираме под овие услови во Република Македонија, понижени и дискриминирани на секој чекор и во постојана борба со егзистенцијални бремиња, стравуваме за тоа колку ќе можеме да допринесеме за изградба на цврст, стабилен и сигурен здравствен систем и пред сè стравуваме за безбедноста на пациентите во него!

Јавно ги повикуваме Министерот за здравство и пратениците во Собранието на РМ уште еднаш добро да размислат и да покажат добра волја за решавање на нашите проблеми. Ги повикуваме да размислат каков здравствен систем градат и како во него ги третираат специјализантите како идни носители на секундарното и терциерното здравство. Никогаш не е доцна за правични одлуки. Апелираме за ништо повеќе, ниту помалку од она што го заслужуваме – достојни и фер услови за работа и едукација и извор на егзистенција во оние години во кои тоа ни е најпотребно, во годините во кои целосно посветено и професионално се вложуваме за нашите пациенти и нивното здравје. Да бидеме земја за пример, земја која ќе го реши проблемот со медицинската миграција!

Со почит,

Лекари специјализанти и идни специјализанти

на Медицински факултет – УКИМ