Катица Јанева го испитува работењето на Општина Битола, а не само наводите од „бомбата“?

0
249

Специјалното јавно обвинителство ги презело сите предмети отворени во врска со работата на Општина Битола и на градоначалникот Владимир Талески, што претходно ги истражуваше Основното јавно обвинителство од Битола. Извори од Обвинителството во Битола потврдуваат дека во рацете на Катица Јанева не е само „бомбата“ на опозицијата со бесплатниот школски превоз, туку сè што било ставено под знак прашалник во работата на локалната власт, информира Мета.

katica-janeva

Во врска со овие информации, од кабинетот на специјалната обвинителка за „Мета“ велат дека поради тајноста на постапката не можат да кажат што сè е предмет на истрага.

„Во тек е предистражна постапка за предметот за кој прашувате и со оглед дека предистражната постапка во согласност со Законот за кривична постапка (ЗКП) е тајна, во овој момент не сме во можност да ви сооштиме што сè е предмет на истражување. Секако, штом ќе постои законска можност, благовремено ќе бидете известени за прашањата за кои изразивте интерес“, стои во одговорот од Специјалното јавно обвинителство на прашањето: „Дали Специјалното јавно обвинителство води истрага само за наводите од прислушуваните разговори за бесплатниот школски превоз или има отворено постапка и за други сомнителни случаи што произлегуваат од работата на Општината Битола и на градоначалникот Владимир Талески?“.

Од битолското јавно обвинителство за „Мета“ потврдуваат дека севкупното работење на Општина Битола е префрлено во рацете на Специјалното јавно обвинителство, вкулучувајќи ја одлуката за подигнување на кредитот од 2,5 милиони евра за инфраструктура во поранешната касарна, зонското паркирање, изградба на мостови и на улици како проекти на Општината.

– Основното јавно обвинителство во Битола отвори предмет за севкупното работење со средствата на Општина Битола, па оттаму и Специјалното јавно обвинителство ги презеде сите наши дејства. Не би било во ред да се работи само на делот со школскиот превоз споменат во една од „бомбите“. Работата на Општината е поврзана и не може да се разгледува парцијално – вели извор од битолското обвинителство за „Мета“.

Советници од опозицијата во Битола биле повикани на распрашување во Основното јавно обвинителство во Битола, околу работата на локалната власт и одлуките на Советот на општина Битола.

– Нè повикаа нас, советници кои бевме избрани во неколку мандати во Советот на Општината и кои потемелно ја познавме работата на локалната самоуправа. Нè испрашуваа за проектите одобрени од Советот, за тоа колку пари се извојувале и за тоа дали сè што работи градоначалникот е покриено со одлуки на Советот или, пак, дел од проектите се сработени без амин на Советот. Ние си кажавме што мислиме. Прашањата беа детални за многу работи што се направени во Општината, од кружните текови, мостовите, касарната – вели еден од испрашуваните советници.

Мета не добила потврда дали на распит во обвинителство биле повикувани и советници од владејачкото мнозинство.