Игра на нерви

0
363

Понатамошниот расплет на македонската политичка криза оди по работ на договореното во Пржино. Најновиот развој на настаните повеќе „мириса“ на нешто што е предлагано во Вашингтон…

На почетокот од ланскиот декември, опширно и со повеќе детали го навестив начинот на кој премиерот Груеваки ќе работи на спасот на сопствената кожа и на кожата на најважните членови на Фамилијата: ќе почне интензивни преговори со Вашингтон, тргувајќи го македонското име и, во поширок контекст, македонската сигурност, во замена за сопствената и фамилијарната безбедност. За Груевски државното име е „рипчето“ со кое сака да го фати „крапчето“ на сопствениот спас.

Недолго потоа, Груевски (со милионски суми наши пари, за кои никој надлежен не го прашува од каде му се во партијата?!) си купи средба со американскиот потпретседател Бајден. На таа средба е разговарано, во суштина, за две работи: прво, за деталите за најновиот предлог на Груевски до Грците; и, второ, што бара тој во замена за таа негова „услуга“ испорачана на Американците, како тие би нé зачлениле во НАТО.

Рака на срце, ваквата понуда од Груевски Американците не можат да си дозволат лаконски да ја игнорираат. Тие знаат дека каков било договор за ново македонско име не е упатно, во каква било варијанта, да се направи без поддршка од ВМРО-ДПМНЕ; кога за таков договор се нуди самиот претседател на тоа ВМРО, кој ужива хистерична поддршка во сопствената партија, тогаш таква шанса би било крајно неодговорно да се пропушти!

СОНОТ НА ВЛАСТА

Пост-пржинските настани во и околу Македонија после таа средба во Вашингтон, како да ги потврдуваат двете точки од таму водените разговори. Интензивирани се видливите и дискретните американски контакти со Атина (вклучувајќи ја средбата на Бајден со Ципрас од пред два-три дена, но и на пониски дипломатски нивоа), за сметка на нивната премолчена поддршка на Груевски да инсистира на избори на 24 април. Американците, со видливо задоцнување, само твитерски констатираа: оставката на Груевски е важен дел од остварувањето на договореното во Пржино. Така е. Ова може да се вклопува и во нивната стратегија „чекор по чекор“ за симнување на Фамилијата од власт во Македонија, бидејќи никој не рекол дека тие чекори ќе бидат со трчање!

Но, она што е посуштинско е дали во Вашингтон е договорено и „успорување“ на работата на специјалната обвинителка Катица Јанева? Дрскоста со која режимот сé повеќе ја третира Јанева, како да доаѓа од некакво невидливо охрабрување кое не може да се објасни само со стравот на Фамилијата од кривичниот прогон што би требало да следува. Власта сонува и жестоко притиска обвинителката Јанева да си понуди оставка на својата функција од причини кои ќе спаѓаат во фолклорот на спроведувањето на ваков вид на политички ликвидации: нема пари, роковите се пробиени, судовите опструираат, не знае Јанева пита да свие, а и деколтето ѝ е преголемо и сл. Да не заборавиме, можно е и Уставниот суд мериторно да ја укине нејзината работа, бидејќи таа карта сé уште се чува во ракавот на власта, но проценката е дека тоа би било крајно средство, ептен ако се мора. Она што е важно е дека претходно се обезбеди целосно предавање на прислушуваните разговори од страна на СДСМ кај Јанева, за опозицијата да остане без можност, легално, евентуално да продолжи со нивно објавување во некаква пост-јаневската ера.

Така, некако, излегува дека и двете точки од разговорите Груевски-Бајден во Вашингтон се спроведуваат. Некаква верзија од тој договор – во кратки црти, да не биде нешто прекомпликувано – Американците веројатно му ја објасниле на Хан, по што следуваше неговото необјасниво конфузно однесување во и по Скопје.

ДВЕ ПРОЦЕНКИ

За роковите, методите на операционализација и поподробно за содржината на договорот (новото име на Македонија, тајмингот, ерга-омнесот, мерките за градење доверба, македонскиот идентитет и слични дрн-дрн-јариња), во догледна иднина, кога за тоа ќе дојде време, ќе нé информира самиот Груевски. Но, од американска страна, за да се прифатат предлозите на Груевски, направени се неколку клучни проценки…

Прво, дека, порано или подоцна, особено со инсистирањето да се оди на недемократски избори, Американците ќе го скршат Заев и ќе му „продадат“ некаква приказна со која и тој, „за доброто на Македонија на долг рок“, ќе мора да го голтне она што е разговарано во Вашингтон. Претпоставувам дека ќе се обезбедат и соодветни „компензациски“ персонални и партиски гаранции за СДСМ, на начин и во форма што ќе ги побара опозицијата. За сега, оваа игра на нерви не оди баш „подмачкано“; напротив, опозиционерите се однесуваат прибрано и на потезите на Груевски одговараат со ефикасна контра-игра. Но, има уште доста време да се работи на случајот, можеби опозицијата ќе омекне.

Втората американска проценка е посуштинска: во Македонија нема доволно голема критична маса во јавноста која, доколку навистина е направен ваков договор Груевски-Бајден, би се спротивставила на ваквиот развој на настаните . Луѓето се заминати, изморени, разбиени… Ваквиот став дополнително се темели и врз проценката дека македонско-албанска демократска коалиција, и во партиска и во граѓанска смисла, е неможно да се создаде за да се попречи спроведувањето на разговараното кај Бајден. За ова и ДУИ има дадено гаранции, а во нивниот интерес ентузијастички да пријдат кон остварување на оваа задача не треба да се има сомневање.

ЛЕГИТИМЕН ИНТЕРЕС

Ова, во најпрости црти, е еден од упатните ракурси од кои треба да се гледа натамошниот расплет на кризата во Македонија. Да не бидам погрешно сфатен, Американците немаат никакви специјални анти-Македонски ставови или да ѝ мислат нешто посебно лошо на Македонија – тие, просто, си ги следат своите интереси, бидејќи себе најмногу се сакаат. Дури, персонално, од тоа што го знам, немаат никакви симпатии кон Груевски и, порано или подоцна, но за него предоцна, тоа и на Груевски ќе му стане јасно. На пример, сигурен сум дека во Вашингтон никој не разговарал за можноста Груевски кога било повторно да стане премиер. Но, сега, во моментов, тие гледаат шанса како да решат уште еден отворен проблем на Балканот: да ја зачленат Македонија во НАТО, бидејќи сме ние на „линијата на фронтот на Западот со Русија“ (Кери). Тоа што разговараат со еклатантен криминалец, всушност, е најголемата гаранција дека македонската страна, Фамилијата, ќе се држи до тоа што самата го предлага. Американците барем имаат богато искуство од соработка со разно-разни белосветски протуви.

Сега, молам, да се престане со морализаторско мрсомудење! Па, да не треба баш со Македонија да се почне со спроведување на принципиелна политика во светот?! Дека, ние што сме? Сме измислиле некоја вакцина? Имаме космонаут испратено негде? Или во Алшар е ископано природно чоколадо или е најдена рударска жица на јуфки во неограничени количества?! Десет години толерираме банда на власт и само измислуваме митови за нашето „славно“ потекло (бирајте: сакате од Библијата, сакате од Александар Македонски и Хунзите, сакате од Розетата падната од Марс…). Со потрошената бронза за споменици да произведевме тенџериња, ќе бевме многу поценети во светот. Според тоа, нема лутење што на нас се гледа со приодот: Седи ди си, јер и за ди си ниси!

Од друга страна, признавам, јас оваа денешна Америка, во која Доналд Трамп ќе се натпреварува за нејзин следен претседател, и во културна и во политичка смисла сé потешко ја разбирам. Кога ќе земеш, што е нашиот, на пример, Трајко Вељановски полош од Сара Пејлин?! Или овој дечково, Тоталниов Ноубади, сега што го избраа за премиер? (За Европската Унија, пак, не сакам во овој момент ништо да кажам ни во заграда.)

„Камон, Сашо, тејк ит изи – ми вели еден пријател од Вашингтон – па вие веќе во 2017 година пак ќе имате избори. Ако не сега, тогаш ќе ги решите Груевски и Фамилијата – а сега е најважно полноправно да ве зачлениме во НАТО! А, ти само јави ми ако некој те чепка таму!“

Убавина. Македонија ќе влезе во НАТО, а и јас безбеден. Што може човек да посака повеќе… Живееме во една прекрасна, бајковита држава, во прекрасниот Нов Свет!

Сашо Орданоски

(Колумната е објавена во „Слободен печат“)