Заев: Медиумите треба да бидат решени до 19 февруари

0
99

На попладневната средба со граѓаните на неколку населби во Штип, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, потврди дека забрзано се работи на решавање на второто крупно нерешено прашање во работната група, за дорегулација на медиумите.

– Амбасадорите најавија дека до деветнаесетти (прашањето за) медиумите мора да биде затворено ако сакаме да имаме навремена дорегулација на медиумите, за да се даде навремено, фер шанса за претставување на сите политички партии – рече Заев.

Лидерот на СДСМ потврди дека доставиле согласност за методологијата за прочистување на избирачкиот список, откако ваква согласност дале од ВМРО ДПМНЕ.

– Ние веднаш ја доставивме истата согласност, во истиот момент, за да дадеме шанса на ДИК, како независен орган задолжен за прочистување на избирачкиот список да ја заврши својата работа. Повеќе прочистувањето на избирачкиот список, датумот за неговото завршување и согласно тоа, датумот на изборите не зависи од Груевски, од Заев, не зависи од Али Ахмети или Мендух Тачи, од ниту еден политичар. Тоа зависи од независната институција ДИК – рече лидерот на СДСМ.

Заев рече дека сето тоа што треба да е потврдено е тоа што ДИК треба да го сработи и дорегулација на медиумите.

– Штом сето тоа ќе биде исполнето, ќе одиме на избори, но мора да бидат регуларни. Тоа е тоа што го препорачува и Европа со последниот извештај, условувајќи ја препораката со одржување на фер и демократски избори. Тоа е конечната цел на Договорот од Пржино – рече Заев.

Тој уште еднаш ги повтори пресметките за потребното време за прочистување на избирачкиот список, кој не соодветствува на зацртаниот датум за избори.

– Избирачкиот закон и методологијата што веќе е потврдена од сите политички партии вели 85 до 90 дена. До петти март, до кога согласно законот треба да заврши проверката на избирачкиот список ,буквално од денеска, до тогаш има 31 ден. Триесет и еден ден е поприлично различно од 85 дена. Осумдесет и пет дена се бројат во денови конкретните чекори кои ДИК треба да ги направи за да може да направи квалитетно прочистување на списокот и да добиеме веродостоен избирачки список – изјави Заев во Штип.

Мета