До средината на јануари Јанева ќе каже што има во снимките кои ги достави Заев

0
132

Специјалното јавно обвинителство ќе каже што точно има во материјалите кои им ги достави опозициската СДСМ, но јавноста ќе треба да почека за информацијата десетина дена, пренесува Алсат-М. Така велат од кај Катица Јанева, откако ден пред нова година опозицијата им ги предаде материјалите од незаконското прислушување.

„Ве известуваме дека на прашањата што се однесуваат на материјалите предадени од СДСМ … во овој момент не сме во можност да одговориме, но ве уверуваме дека за овие прашања ќе издадеме официјално соопштение во средината на јануари“, велат од специјалното јавно обвинителство.

Истата најава од специјалното обвинителство ја дале и за прашањата на телевизијата во врска со аферата дека МВР незаконски издавал лични карти во периодот меѓу 2011-тата и 2013-тата година. Нови официјални информации за случајот денеска не кажуваат ниту од МВР и покрај тоа што најавија дека наодите ќе ги достават токму во Специјалното обвинителство.

Освен најавата дека ќе им треба уште десетина дена, од Специјалното обвинителство немаше детали што точно може да се очекува во нивното соопштение за акутелните прашања во јавноста. Така на пример не се знае, дали за опозициските бомби ќе соопштат само статистика- колку прислушувани разговори и смс пораки добиле или пак јавноста ќе добие и информации дали веќе отвориле нови предмети кои произлегуваат од ново добиените материјали.