„Ди Цајт“: Планот на ЕУ ќе ја консолидира моќта на Груевски

0
267

Македонците не можеа ни да сонуваат дека нивната земја еден ден може да прерасне во надворешна граница на ЕУ“, пишува онлајн изданието на неделникот „Ди Цајт“ во текстот под наслов „Новиот бедем на Европа“, пренесува Дојче веле.

„Но токму тоа деновиве изгледа дека се случува деновиве. ЕУ се заканува дека ќе ја исфрли Грција од Шенген-зоната, затоа што не ги исполнува своите обврски. Следната граница на север е македонската“.

Притоа, „Ди Цајт“ се прашува каква е државата која во иднина треба да биде некој вид „недоброволен бедем на ЕУ против миграцијата?“

„(…) Во Македонија владеат Никола Груевски и неговата националистичка партија ВМРО-ДПМНЕ. Коалициски партнер на Груевски е една албанска партија. Во нивното владеење корупцијата драматично се зголеми. Многу Македонци во Груевски гледаат автократ, кому му е важно само да ги задоволи желбите на својата клика. На почетокот на 2015 година се формираше широко протестно движење против него. Десетици илјади луѓе излегоа на улиците и бараа оставка од Груевски. Тогаш се говореше за некаков вид ‘мал Мајдан’. Но Груевски остана на власт. Сепак, мораше под притисок на Брисел да ја реконструира владата. Во истовреме беше формирано независно истражно тело, кое треба да ги истражува наводите за масовна корупција. Конечно, ЕУ го принуди и на предвремени избори, кои треба да се одржат на 24 април.

Сето тоа покажува колку е фрагилна Македонија. Во моментов е тешко да се процени како новата улога на малата земја како ‘тврдина’ на ЕУ ќе се одрази врз внатрешната политичка состојба. Но веројатно е дека мошне контроверзниот Никола Груевски ќе ја консолидира моќта. Од искуство може да се каже дека ЕУ во немирни времиња се фокусира врз стабилноста – таа сака мир, и притоа ѝ е сеедно кој ќе го обезбеди. За мнозинството Македонци тоа не значи ништо добро. Замрсените структури на моќта, резервирани за малкумина, ќе останат и натаму зачувани“, пишува „Ди Цајт“.