Двајца жители на Чаир сами се пријавиле за убиството на 19-годишниот Леарт

0
78

Албанскиот весникот Коха повикувајќи се на полициски извори објави дека двајца жители на општина Чаир од кои едниот малолетен, сами се пријавиле дека со нож го нападнале 19-годишниот Леарт Адеми на 3-ти јануари.

Адеми веднаш по донесувањето во градската болница им подлегна на трите убоди во срцето и во стомакот. Полицијата и обвинителството првично за инцидентот го гонеа 19-годишниот Ардит Аме и му поднесоа кривична пријава за тешки телесни повреди со смртни последици.

Според Коха двајцата скопјани Недим Д. и Енис С. се предале на полицијата и потврдиле дека се напаѓачи на убиениот Адеми и неговиот другар. Двете жртви беа нападнати на улица Ресенска вечерта на трети јануари.

Телма тогаш објави дека полицајци на терен рекоа дека напаѓачот е малолетник. Но нападнатиот другар на убиениот тврдел дека напаѓачот е член на навивачката група Шверцери и во станица извршил препознавање на приведениот Ардит Аме. Тој и неговите блиски тврделе дека Аме нема никаква врска со смртта на врсникот Адеми.

Коха објавува дека грешката при препознавањето најверојатно е поради огромната сличност на уапсениот Аме со еден од извршителите кои сега се приведени. Сведокот поради физичката сличност тврдел дека убиец е Аме. По препознавањето на Ардит Аме му е одреден 30-дневен притвор.

Од МВР кратко за Либертас соопштија дека се повикани две лица чиј распит за трагедијата уште трае.

И покрај смртта на тинејџерот Леарт Адеми (кој е син на спортскиот новинар на МТВ Сами Адеми) по три убоди со нож, обвинителството и полицијата одлучија да не ги гонат сторителите за убиство туку за кривично дело „тешки телесни повреди со смртни последици“.

Мотивот за убиството е банална расправија меѓу двете групи млади.

Малолетникот кој сам се предал според весникот Коха го употребил ножот и ги нападнал соперниците. По инцидентот не беше пронајдено оружјето (ножот) со кој е извршен нападот.