Владата го казни градоначалникот на Прилеп

0
528

Заради подигање спомен-обележја без претходно донесена Програма за одбележување на значајни настани и истакнати личности со спомен-обележја за период од 5 години, секторот за управен и инспекциски надзор при Министерството за култура им изрече парична казна на општина Прилеп и на градоначалникот Марјан Ристески, објави Револуционер.

Казната е изречена после извршениот вонреден инспекциски надзор во деловните простории на општина Прилеп, а после поднесената пријава од страна на прилепскиот адвокат Жарко Стеваноски за утврдување на законитоста на спроведената постапка за подигање на спомен-обележја на територијата на општина Прилеп во периодот од 2011 до 2013 година.

Инспекторот за култура при секторот за управен и инспекциски надзор на Министерството за култура, констатирал прекршок по член 17 од Законот за меморијалните споменици и спомен-обележјата (ЗМССО). После записнички констатираниот прекршок, на 17.11.2015 година во присуство на овластени лица од општина Прилеп, инспекторот им издал прекршочен платен налог на правното лице Општина Прилеп, како и на одговорното лице во правното лице, градоначалникот Марјан Ристески.

Согласно Законот за изменување и дополнување на ЗМССО објавени во Сл. Весник на РМ број 152 од 03.09.2015 година, висината на казната за општина Прилеп изнесува 5.000 евра, а прилепскиот градоначалник ќе треба да плати 30% од таа сума, односно 1.500 евра.