Вие 78.000 каде отидовте?? Зошто не ме зедовте!

0
1051

Брзам на испит, се качувам во такси со последните сто денари, велам побрзо ве молам доцнам на испит, девојче не брзај ми вели, јас сум инжињер, ќерка ми пред саат време ја однесов на аеродром, отиде за Швајцарија, за каде брзаш?

Му велам до кај што ќе искуца 100 денари, не!, ми возвраќа, како што ја оставив ќерка ми на аеродром ќе те однесам и тебе на факултет. Ме остави точно пред новиот влез на универзитетот, да! кружиме од онаа другата страна, од главната капија не остана ништо како и од околните дрва. Е добро де, влегов да полагам, умот останат кај таксистот-инжињер, а и ги дадов последните сто денари за такси, ако речат колегиве идеме на кафе… Офф каков ден. Ден за да во 22ка за назад ми навират следниве мисли.

Во која држава живееам јас, си отишле 78.000 луѓе од државава, леле зошто не сум јас меѓу нив, единствен спас, единствено светло да гледаш во еден куфер и да си одиш Драгана си зборам сама на себе во полн автобус со секакви профили, Оди си идиотке, не кажувај од каде доаѓаш. Не спомнувај на никого, е добро де ќе кажам доаѓам од земјата во која е роден Тоше Проевски.. Не не доаѓам од државата во која двојче и туфи станаа градоначалници. Тони Михајловски и Јелена Жуѓич директори.

Доаѓам од државата во која за да се преживее денот се голтаат диезапами. Доаѓам од државата каде што повеќе углед и важност имаат спомениците, онаму каде што се руши динамитно, се јадат чоколади, онаму каде што за осум илјади плата се клима со главата десет години, онаму од каде што се краде повеќе од што се има, онаму каде што се менува историјата, Ачковска ти ја сервира а ти чекаш оценка а она од ракав дели деветки и десетки, онаму каде што се купуваат дипломи, онаму каде што здравствените установи станаа мртовечници, онаму каде што е успех ако работиш како келнерка и обезбедување. Оди си остави се моронке…

Е како бе да си одам, тука се родив, овој јазик го знам, ова е мојата земја, тука ми е се, зошто моите родители да ги гледам на скајп, затоа ли ме растеа ме чуваа? Зошто? Зошто да си одам кога не сакам. Да живеам во некоја војна барем да знам дека сум во војна, во контекст, надвор пукаат ако преживееш ќе прераскажуваш. Зошто сите овие ликови околу мене во автобусов се возат како ништо да не се случува.. Алооооо се грижи ли некој за младината?

Триесет годишни момци чекаат пензија да земат родителите па да ја поканат девојката на кафе, и љубовта ни ја земавте, немаме ли ние право да се сакаме? Леле каква глупост прашав, затоа се оди од државава всушност. Жална си Македонијо моја. Самата себеси си тежиш, тешка си ми и мене, уште колку ќе те носам не знам. Ме умори веќе. Се прашувам само дали ги уморуваш овие што ми викаат не ме интересира политика.
Во ред е дечки дишете длабоко и нека не ве интересира.

Драгана Костиќ
фејсбук статус