Ван Хауте смета дека оставката на Груевски ќе се одвива според планот

0
257

vanhoute

Белгискиот посредник Питер Ван Хауте, по денешната лидерска средба во Клубот на пратениците, изрази задоволство од постигнатиот договор за експертите на Државната изборна комисија (ДИК) и најави дека во следните денови ќе продолжат разговорите за медиумите.

– Се надевам дека ова е почеток на еден голем исчекор бидејќи има уште многу преостаната работа за изборите. Се надевам дека во следните денови ДИК ќе работи на назначување на генерален секретар и другиот неопходен персонал. Потребно е бргу да се има добра и функционална ДИК – рече Ван Хауте.

Ван Хауте смета дека оставката на Груевски ќе се одвива според планот бидејќи тоа е договор меѓу четирите партии. Тој се надева дека исто така ќе биде постигнат напредок и за прашањата за медиумите, кои, додаде, се многу важни за успешни избори следната година.

– На агендата се законите за медиуми, за Агенцијата за медиуми, МРТВ, глобите за медиумите. Дополнително ќе разговараме за канцеларијата на Народниот правобранител, за Комисијата за спречување на корупцијата, како и за прашања кои се поврзани со законот за клевета, што е исто така многу важно за медиумите – рече тој.

Краен рок за договор за медиумите, рече тој, засега нема, но се надева дека нештата ќе се решаваат што е можно поскоро, бидејќи ова се итни реформски приоритети кои ги бара ЕУ.