Брима: 34 отсто од Македонците очекуваат 2016 да биде подобра од лани

0
216

Во државава, 51 отсто од граѓаните во текот на 2015-та се чуствувале среќни, додека 34 проценти,  се надеваат дека 2016-та ќе биде подобра од минатата година. 25 отсто пак, со оптимизам очекуваат дека новата година ќе биде година на економски просперитет –  покажала глобалната студија на Брима Галуп насловена „Крајот на годината, барометар на надеж и среќа“.

51 отсто од испитаниците во Република Македонија изјавиле дека се чувствуваат среќни, 11 проценти несреќни и 35 отсто ниту среќни ниту несреќни, а 2 отсто немаат одговор. Индексот на нето среќа во Македонија изнесува +40 отсто и е понизок за 16 проценти од глобалниот просек.

Во регионот како и во Македонија нето среќата е со позитивен предзнак но во целиот регион е пониска од глобалниот просек. Повисок е скорот на нето среќата во Косово (+49 отсто) од Македонија и Словенија (+48 процнети). Практично скоро еднаков е со Босна и Херцеговина (+41 отсто) и Србија (+43 отсто) а скорот на нето среќата е значително понизок во Бугарија (+30 проценти) многу понизок во Грција (+9 проценти) отколку во Македонија.

Во однос на  прашањето „Што се однесува до Вас, дали сметате дека 2016 година ќе биде подобра или полоша од 2015 година”, во Македонија 34 отсто од испитаниците се со надеж дека 2016-тта ќе биде подобра наспроти 25 проценти кои сметаат дека ќе биде полоша и 36% дека ќе биде иста, а 5 отсто немаат одреден одговор. Индексот на нето надеж во Македонија изнесува +9 проценти и е помал за 29 отсто од глобалниот просек.

Во регионот, нето скорот на надежта дека 2016-та година ќе биде подобра од 2015-та е со позитивен предзнак освен во Македонија и на Косово (+24 проценти) а во сите останати земји од регионот е со негативен предзнак: Грција (-28 отсто), Босна и Херцеговина (-23 проценти), Словенија (-6 отсто), Србија (-3 проценти) и Бугарија (-1 процент).

Во однос на економскиот просперитет во 2016-та година, 30 отсто од граѓаните на Македонија сметаат дека ќе се влоши, 25 отсто дека ќе се подобри, 38 проценти сметаат дека ќе остане непроменет а 7 отсто немаат одреден одговор. Индексот на нето економски оптимизам во Македонија е со негативен предзнак и изнесува -5 отсто. И во однос на глобалниот просек апсолутната разлика износува 28 проценти.

Во регионот само во Косово нето скорот на економскиот оптимизам е со позитивен предзнак (+12 отсто) а во сите останати земји како и во Македонија е со негативен предзнак и тоа : Грција (-65 отсто), Босна и Херцеговина (-34 отсто), Србија (- 17 проценти) и во Словенија и Бугарија со по (-11 проценти).

Промените на барометарот во Република Македонија покажуваат дека надежите за 2015-та година биле помалку присутни, кога нето скорот на надежта изнесувал +5 отсто, а сега надежите дека 2016-та година ќе биде биде подобра од 2015-та пораснале на +9 отсто. Во исто време индексот на економскиот оптимизам за 2016 се намалил од негативните – 12 проценти, колку што изнесувал во 2015-та, на -5 отсто во 2016 година, но и покрај тоа се’ уште е со негативен предзнак. Барометарот на среќата во Македонија истотака бележи пад на нето скорот на среќата од +43 проценти во 2014-та на +40 отсто во текот на 2015-та година.

Барометарот на надежта и среќата на WIN / Gallup International на крајот на 2015-та година покажува дека во просек 66 отсто граѓани на светот во текот на годината се чуствувале среќни, 54 проценти се надеваат дека 2016-та година ќе биде подобра од 2015-та година и 45 проценти со оптимизам очекуваат дека 2016-та ќе биде година на економски просперитет.

Во 2015-та година најсреќна земја во светот е Колумбија +85 отсто нето среќа, за разлика од најнесреќната земја Ирак, со -12 проценти нето среќа. Резултатите од истражувањето покажуваат дека според верата на анкетираните чувството на среќа е најприсутно кај атеистите и агностиците (+75 отсто скор на нето среќа ), потоа следат хиндусите (+65 проценти) , муслиманите и будистите со нето скор од +57 проценти за обете, католиците (+56 отсто) протестантите (+52 отсто) и православните христијани со нето скор од +48 проценти.