Ахмети по средбата со Коѕиас: Видов добра волја за компромисно решение за името

0
200

„Приоритет на ДУИ е што побргу да се најде решение, а Македонија да влезе во НАТО и ЕУ. Тоа е наша трајна определба како партија. Јас сум отворен и сите размислувања ги пренесувам и кај коалициските партнери. Видов подготвеност и волја од страна на министерот за надворешни работи на Грција во правец на изнаоѓање решение, компромисно решение. Оваа добра волја јас ќе ја пренесам во Скопје, со надеж дека и двете страни ќе имаат добра волја за решение“, рече Али Ахмети по денешната едноиполчасовна средба во Атина со грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас.

Ахмети денеска е во посета Атина во придружба на неговите сопартијци Муса Џафери, Фатмир Бесими и Артан Груби, а по средбата стигна и дополнително соопштение од ДУИ. Од таму велат дека во фокусот на разговорите биле регионалните случувања, добрососедските односи, евроатланската интеграција на Македонија и прашањето за името.

Според ДУИ, лидерот Ахмети ја потенцирал важноста на процесот на интеграција на Македонија во НАТО и во Европската унија, за безбедност, стабилноста и мирот, не само во земјата, туку и за целиот регион. Затоа, истакнал Ахмети, очекува Грција како важна земја на Балканот, да придонесе во овој поглед.

„ДУИ е подготвена да го даде својот придонес за надминување на пречката што стои пред вратата на НАТО и ЕУ за Македонија. Спорот меѓу Скопје и Атина треба да се надмине преку директни средби и искрен и конструктивен дијалог меѓу страните во однос на иднината на регионот“, рекол Ахмети, а соопштува ДУИ.

Од таму додаваат дека Ахмети и Коѕиас, дискутирале и за конкретни можности за трајно затворање на прашањето за името.

„Регионалните и глобалните политички околности наметнуваат потреба од храбра и визионерска акција од страна на политичките елити во земјите од Западен Балкан“, рекол меѓу другото претседателот на ДУИ.

Од македонското Министерство за надворешни работи потврдија дека воопшто не учествувало во организацијата на оваа средба. Најавено беше дека македонскиот амбасадор во Атина нема да учествува на средбата, а и немало никаква координација меѓу МНР и владините претставници кои патуваат заедно со Ахмети.

Дека се работи единствено за партиска средба денеска потврди и премиерот Никола Груевски.

„Тоа е партиска средба. Они сами си кажале за што ќе разговараат. Нека се зборува, на сите меѓународни средби се зборува за името. Јас не знам една меѓународна средба каде досега не се зборувало за името –  и официјални, и неофицијални, и партиски, владини средби… Тоа е стара, а не нова тема“, рече Груевски.